Индекс на рационалност за системи за инфузија
Највисоката цена е за 60% поголема од најниската цена. Причините за ваквите значајни разлики во цените по кои се купувани системите за инфузија се јавуваат како последица на големи разлики во купените количини, но и на избраните постапки за јавни набавки. Имено, двете болници кои платиле највисоки цени ги купиле системите за инфузија со барање за прибирање на понуди без објавување на оглас.
Индексот на рационалност за набавка на системи за инфузија е изработен врз основа на добиените податоци за поединечна цена на еден систем за инфузија. Барањата за овие информации се доставени до девет болници, од кои осум одговорија и се вклучени во индексот, додека одговор на барањето не е добиен само од Психијатриската болница во Демир Хисар. Индексот е изработен за цената на набавка на 100 системи за инфузија како стандардно пакување на овој потрошен медицински материјал. Во јавно промовирана анализа на индексот на рационалност за системите за инфузија, пред нејзиното печатење, ЈЗУ Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза „Лешок“ беше вклучена со цена за пакување од 100 системи за инфузија во износ од 3.186 денари (2.700 денари без ДДВ) наместо сегашната од 850 денари. Имено, на барањето на Центарот за граѓански комуникации бр.0302/792 од 31.03.2011 година оваа ЈЗУ достави одговор бр. 03- 153/2 од 14.04.2011 во кој што информира дека еден систем за инфузија го купуваат по цена од 27 денари без ДДВ. Поради вака високото отстапување на цената по која се купуваат системите за инфузија во ЈЗУ Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза „Лешок“ преставници на ЦГК дури и телефонски побараа потврда на точноста на доставената информација. Претставници на оваа болница потврдија дека системите ги купуваат по таа цена и дадоа објаснување дека отстапувањата се јавуваат поради порастот на цената на латексот кој е составен материјал на системите за инфузија. Сепак, непосредно по јавното промовирање на Индексот на рационалност бр. 2 на 30 септември 2011 година, каде цената по која ЈЗУ „Лешок“ ги купувала системите за инфузија беше 440% повисока од најниската цена, раководството на болницата реагираше со објаснување дека кај нив настанала забуна. Имено, тие излегоа со толкување дека наместо цена за систем за инфузија ни била доставена цена за раствор за инфузија. По доставените фактури и испратници за набавка на системи за инфузија по цена значително пониска од првично доставена, беше извршена корекција на индексот на рационалост за системите за инфузија. Како што може да се види од табеларниот приказ на Индексот на рационалност за набавка на системи за инфузија, овде соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1:1,6 што значи дека највисоката цена е за 60% проценти повисока од најниската. Просечната цена постигната за набавка на овој потрошен материјал изнесува 742 денари за 100 системи за инфузија, со што четири здравствени институции вклучени во индексот се најдоа над и исто толку институции под постигнатата просечна цена.
Причините за ваквите значајни разлики во цените само делумно можат да се објаснат со купените количини на системите за инфузија. Имено, Клиничката болница Битола која ги купила најголемите колични дури 130.000 не ја постигнала и најниската цена. Сепак, влијанието на купените колични врз цената може да се препознае кај Психијатриска болница „Негорци“ Гевгелија каде се купени само 200 системи.
Купени количини на системи за инфузија
Договорен орган | Број на системи за инфузија |
ЈЗУ Клиничка болница Тетово | 84 000 |
ЈЗУ Клиничка болница Штип | 60 000 |
ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид | 5 000 |
ЈЗУ Клиничка болница Битола | 130 000 |
ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство „Чаир“ – Скопје | 10 000 |
ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“ | 3 200 |
ЈЗУ Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза „Лешок“ | 1 000 |
ЈЗУ Психијатриска болница „Негорци“, Гевгелија | 200 |
Причините за разлики во цените во овој индекс можат делумно да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки. Имено, од осумте здравствени институции, дури шест (Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Штип, Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид, Клиничка болница Битола, Специјална болница по гинекологија и акушерство „Чаир“ Скопје како и Психијатриска болница „Негорци“ – Гевгелија) системите за инфузија ги купиле во отворена постапка како дел од медицински потрошен материјал. Притоа, значајно е да се напомене дека во отворена постапка се купени и системите за инфузија во Психијатриска болница „Негорци“ – Гевгелија каде е платена и највисоката цена за набавка на системите за инфузија. Со барање за прибирање на понуди без објавување на оглас системите ги купиле Психијатриската болница „Скопје“ и ЈЗУ Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза „Лешок што сепак се одразило на цените кои се повисоки од просечната.
Во критериумите за избор на најповолна понуда за набавка на системите за инфузија како дел од потрошниот материјал доминира критериумот ,економски најповолна понуда‘. Од осумте анализирани болници ,најниската цена‘ како критериум за избор била користена од страна на само две, од Клиничката болница Битола и од Психијатриската болница Негорци. Притоа и двете институции не успеале да ги максимизираат ефектите од избраниот критериум. Од сето ова произлегува дека разликите во цените за набавка на системи за инфузија не можат целосно да се објаснат ниту со набавените количини, ниту со избраните постапки за јавни набавки, ниту со елементите за избор на најповолна понуда. Оттука дел од причините за овие ценовни отстапувања очигледно треба да се бараат и во некои други, можеби субјективни фактори, а не во објективните разлики во спроведените јавни набавки. Значајно да се напомене е дека индексот на рационалност за набавка на системи за инфузија недвосмислено упатува на заклучокот дека самото спроведување на отворените постапки само по себе не е гарант за рационално и економично трошење на јавните пари