Индекс на рационалност за клима-уреди
Во индексот на рационалност за набавка на клима-уреди со јачина 3,5 KW, соодносот на најниската и највисоката цена е 1:1,90, што значи дека највисоката цена е за 90% проценти повисока од најниската. Вака значајните разлики во цените не можат да се објаснат ниту со применетите постапки за јавни набавки, каде што доминира прибирање понуди без објавување оглас, ниту со купените количини. Оттука, очигледно е дека се во прашање некои субјективни фактори кои биле примарни во одлуката на институциите од кои три фирми ќе побараат понуди за набавка на клима-уреди.
За изработка на индексот на рационалност за набавка на клима-уреди, барањата за овие информации се доставени до 23 договорни органи; притоа, нивниот избор беше направен врз основа на дел од објавените огласи за јавна набавка во текот на 2011 година или врз основа на доставени податоци преку т.н. Евиденции за мали набавки за втората половина од 2010 година или за првите шест месеци од 2011 година. На доставените 23 барања за информации, поголем дел од одговорите (12 институции) информираа дека набавиле клима-уреди од 3,5 киловати. Шест одговорија дека набавиле клима- уреди со поголема или со помала јачина од 3,5 киловати, и тоа Централниот регистар, ЈОУ Дом за стари лица „Сју Рајдер“ од Битола, Општина Тетово, Општина Дојран и ЈКП Пазари Прилеп. М-НАВ АД Скопје одговори дека не е имател на информации од јавен карактер, а никаква реакција на доставените барања за пристап до информации од јавен карактер немаше од Управата за хидрометеоролошки работи, од Министерство за труд и социјална политика, од Општина Струга, од ЈП Македонија пат - Скопје и од Министерството за одбрана. Оттука индексот е изработен врз основа на цените за набавка на еден клима-уред од 3,5 KW (киловати) на 12 институции на национално и локално ниво.
Просечната цена која е постигната од страна на институциите за набавка на клима-уреди изнесува 16.636 денари. Осум институции ги набавиле клима- уредите под просечно постигнатата цена, а четири од нив над неа.
Вака констатираните разлики во цените по кои се купувани клима-уредите не може да се објаснат со применетите постапки за јавна набавка. Имено, дури десет од дванаесет договорни органи вклучени во индексот набавката на климите ја направиле врз основа на постапка за прибирање понуди без објавување оглас. Постапката за набавка ја спровеле јавно, односно со објавување оглас, само ЈП Македонска радиотелевизија и Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Притоа, и покрај јавно спроведените постапки, ЈП Македонска радиотелевизија е четврто рангирана институција според цените, а ФЗОМ е дури и со цена повисока од просечната. Разликите во цените за набавка на клима-уредите не можат да се оправдаат ниту со купените количини. Притоа, Народната банка, која ја има постигнато најниската цена, има купено само 2 клима-уреди со снага за греење и ладење од 3,5 киловати, што е најмалата количина на набавка (како што може да се види и од следната табела). Дека цените на купените клима-уреди не се обратнопропорционални со купените количини, како што налага основната економска логика, сликовито говори и примерот на ФЗОМ.
Купени количини на клима-уреди
Договорен орган | Купени количини |
Народна банка на Република Македонија | 2 |
Државно Правобранителство | 5 |
Фармацевтски факултет - Скопје | 16 |
Фармацевтски факултет - Скопје | 33 |
Општина Центар | 3 |
Општина Свети Николе | 2 |
Општина Аеродром | 4 |
ЈП за железничка инфраструктура „Македонски железници“ | 12 |
Фонд за здравствено осигурување на Македонија | 28 |
Општина Василево | 2 |
Општина Ѓорче Петров | 4 |
Општина Штип | 7 |