Индекс на рационалност за изработка на веб-страница
Соодносот на најниската и највисоката цена во изработката на нова веб- страница изнесува 1:5,7 односно највисоката цена е за дури 470% повисока од најниската. Цените се движат од 61.750 денари до 352.230 денари. Како што може да се види од табелата на индексот, поголемиот дел од договорните органи вредноста на овие договори ги склучиле до крајната финансиска граница од 5.000 евра (без ДДВ), дозволена за примена на постапката прибирање на понуди без објавување оглас. Поради ваквиот пристап на институциите, просечната цена за дизајн и изработка на нова веб-страница изнесува 232.898 денари, што е висока цена во однос на пазарните.
Во изработката на овој индекс се вклучени институциите на национално ниво. Притоа, пребарувањето на Електронскиот систем за јавни набавки покажа дека сите институции за оваа набавка спровеле постапка со барање за прибирање понуди без објавување оглас (која се спроведува за набавки што не ја надминуваат вредноста од 5.000 евра без ДДВ). Ова значи дека ниту една институција не ја набавила оваа услуга преку постапка за прибирање понуди со објавување оглас или, пак, преку отворена постапка. Оттука, за да се дојде до податоците за овој индекс. беше спроведено детално пребарување на доставените евиденции за т.н. мали набавки за 2011 година, достапни во Електронскиот систем за јавни набавки. Пребарувањето беше фокусирано на институции на национално ниво, министерства, јавни претпријатија, бироа и акционерски друштва. Произлезе дека оваа услуга во 2011 година ја користеле само седум институции и сите тие се вклучени во Индексот на рационалност. Услугата што ја имаат набавено институциите, иако е иста, сепак е различно опишана во склучените договори. За да се види дека и покрај различниот опис станува збор за иста услуга, следуваат описите на услугата по разните институции.
Македонска банка за поддршка на развојот ја дефинира услугата едноставно како изработка на нова веб-страница на банката, Дирекцијата за заштита на личните податоци склучила договор за изработка на комплетна веб-страница, изработка на CMS и имплементирање на новиот дизајн и имплементирање на новиот дизајн на друга постоечка страница (централен регистар на збирки од лични податоци), Бирото за развој на образованието побарало изработка на веб-страница за проектот „Математика со логика“, Министерството за надворешни работи склучило договор за изработка на имплементација на дизајн на графичко идејно решение за изработка на веб-страницата на МНР, Министерството за информатичко општество и администрација ја користело услугата за изработка на портал за Е-демократија, Министерството за локална самоуправа склучило договор за изработка на веб-страница, а Претседателот на РМ користел услуга дизајн и програмирање на нова веб-страница.
Соодносот на најниската и највисоката цена во изработката на нова веб- страница изнесува 1:5,7 односно највисоката цена е за дури 470% повисока од најниската. Цените се движат од 61.750 денари до 352.230 денари. Како што може да се види од табелата на индексот, кај поголем дел од договорните органи вредноста на склучените договори е максималната финансиска граница од 5.000 евра без ДДВ, дозволена за примена на постапката со барање за прибирање понуди без објавување оглас. Поради ова, просечната цена за дизајн и изработка на нова веб-страница изнесува 232.898 денари, што е навистина висока цена според состојбите на пазарот. Во прилог на ова толкување оди и набавката на Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, која не е вклучена во индексот поради тоа што освен изработка на веб-страница, опфаќа и низа други услуги, а вредноста на договорот е значително пониска од просечната вредност по која институциите набавиле само веб-страница. Дирекцијата, за сума од 88.100 денари, покрај 8 услуга за дизајн или редизајн на веб-страница, обезбедила и услуги за ажурирање, модифицирање, превод на содржината, како и нејзино сервисирање и одржување.
Олку големите разлики во цената на чинење на веб-страниците лесно можат да се објаснат со применетата постапка за јавни набавки, а која, како што е веќе наведено, е барање за прибирање понуди без објавување оглас. Имено, при оваа постапка не се обезбедува никаква транспарентност, бидејќи самите институции одбираат од кои три фирми ќе побараат да им достават понуда. Но, доколку се навлезе подлабоко во анализа на податоците обезбедени преку евиденциите на т.н. мали набавки кои се доставуваат два-пати годишно до Електронскиот систем за јавни набавки, можат да се констатираат и дополнителни слабости во набавката на услугите за изработка на веб-страница. Имено, Министерството за информатичко општество и администрација, за изработка на порталот Е-демократија, изборот го направила врз основа на само една добиена понуда. Иако членот 100 од Законот за јавни набавки го обврзува да достави барање за понуди до најмалку три фирми, што секако не значи и дека мора да има најмалку три понуди, сепак факт е дека не може да се говори за избор ако се добие само една понуда. Мала конкуренција од само два економски оператора е обезбедена и во постапката за набавка на услугата за изработка на веб-страница за Претседателот на РМ.