Индекс на рационалност за антифриз
Во набавката на антифриз се евидентирани големи разлики помеѓу цените по кои институциите плаќаат за 1 литар од овој производ. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:2,25, што значи дека највисоката цена е за дури 125% повисока од најниската. Во овој индекс, генерално, разликите во цените можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки и со купените количини.
Во однос на индексот на рационалност за антифриз, барања за доставување информација беа испратени до сите договорни органи што за оваа намена објавиле оглас во период од 6 месеци, од септември 2011 година до март 2012 година. Станува збор за 11 институции на национално и на локално ниво. Одговори не доставија само МЈП „Проаква“ и ЈЗУ Клиничка болница – Штип. Сепак во индексот се вклучени 5 институции, со оглед на тоа што 4 други (ЈП „Македонија пат“, ЈП „Комунална хигиена“, ЈП за комунална дејност „Комуналец“ Гевгелија и ЈП „Нискоградба“ Охрид) купиле антифриз концентрат. Просечната цена која е постигната за набавка на 1 литар антифриз изнесува 87,91 денар и две институции го купувале по цени кои се пониски по просечната, а три над просекот. Применетите постапки и купените количини на договорите може да се доведат во врска со постигнатите цени. Имено, двете институции (ЈСП Скопје и „Електрани на Македонија“) со цени пониски од просечните, спровеле отворени постапки и склучиле договори кои се вредносно повисоки од договорите на 12 трите институции (ЈКП „Пролетер“ – Ресен, Народна банка на РМ и ЈКП – Сопиште) чии цени се повисоки од просечната. ЈСП Скопје, кое и ја постигнало најниската цена за антифриз, реално има набавено значително поголеми количини од другите институции.
Количини на купен антифриз
Договорен орган | Купени количини во литри |
ЈСП Скопје | 30.000 |
АД „Електрани на Македонија“ | 200 |
ЈКП „Пролетер“ – Ресен | 205 |
Народна банка на РМ | 19 |
ЈКП Сопиште | 50 |
Постигнатите цени покажуваат респонзивност и на применетите критериуми за избор. Имено, единствените две институции (ЈКП „Пролетер“ – Ресен и ЈКП – Сопиште) кои користеле критериум за избор ,економски најповолна понуда‘ постигнале цени повисоки од просечната. Притоа, ЈКП „Пролетер“ – Ресен во критериумот ,економски најповолна понуда‘ ги вклучил следните елементи: цена – 50 бода, квалитет – 20 бода, начин на плаќање – 10 бода, рок на испорака – 10 бода и економичност – 10 бода. Додека, пак, ЈКП Сопиште ги евалуирал следните елементи: цена – 75 бода, рок на плаќање и начин на плаќање – 25 бода.
Иако се исклучени од индексот на рационалност поради тоа што купиле антифриз концентрат, можеби е значајно да се нагласи дека разлики во цените се јавуваат и кај овие договорни органи. Така, ЈП „Нискоградба“ – Охрид го купувала концентратот по цена од 127 денари за литар, ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје за 168 денари за литар, ЈП „Македонија пат“ плаќа 178,40 денари за литар концентрат антифриз, а ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија 196 денари. Разликата помеѓу најниската и највисоката цена и во набавката на концентриран антифриз изнесува 1: 1,54%, што значи дека ЈКПД „Комуналец“ плаќа за 54% повисока цена од ЈП „Нискоградба“ Охрид.