Индекс на рационалност за стандардот за квалитет ИСО 9001

  • 07/2012

Во индексот на рационалност за стандардот за квалитет ИСО 9001, соодносот на најниската и највисоката вредност за услугата е 1:3,76 што значи дека највисоката цена платена за услугата е за 276% повисока од најниската. Вака констатираните разлики во цените што ги плаќаат институциите не можат да се објаснат со применетите постапки, ниту со критериумите за избор на најповолна понуда. Имено, сите пет институции спровеле иста постапка за јавна набавка – прибирање понуди со објавување оглас, а како критериум за избор на најповолната понуда ја користеле ,најниската цена‘. 

Со оглед на трендот за воведување на стандардот за квалитет ИСО 9001 во здравствените институции, намерата беше овој индекс да ги вклучи сите институции од овој сектор што користеле ваков вид услуга во 2011 година. За две институции (Клиника за уво, нос и грло – Скопје и ЈЗУ Клиничка болница – Тетово), податоците за вредноста на склучените договори беа обезбедени преку Евиденцијата на постапките за барање за прибирање понуди за втората половина од 2011 година, додека пак за пет (ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, ЈЗУ Клиника за пулмологија и алергологија, ЈЗУ Општа болница – Кочани, ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија, ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести Скопје) информациите беа побарани преку барања за пристап до информации од јавен карактер. Од петте здравствени институции од кои беше побарана вредноста на склучените 10 договори, не одговорија ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија и ЈЗУ Општа болница – Кочани. Просечната цена која е постигната од страна на институциите за воведување на ИСО-стандардот за квалитет изнесува 262.155 денари. Три институции ја набавиле услугата под просечно постигнатата цена, а две од нив над неа. Вака констатираните разлики во цените по кои се воведувани ИСО-стандардите не можат да се објаснат со применетите постапки за јавна набавка. Имено, сите пет здравствени институции користеле иста постапка – прибирање понуди со објавување оглас, а сите примениле и ист критериум за избор на најповолна понуда – ,најниска цена‘. Разликите во цените не можат да се објаснат ниту со големината на институциите. Имено, Клиниките за уво, нос и грло и за очни болести, кои за оваа услуга платиле повеќе од просечната цена, се помали здравствени установи од Клиниката за нефрологија и Клиничката болница Тетово кои за услугата платиле помалку од просечно постигнатата цена.