Индекс на рационалност за дефибрилатори
Во индексот на рационалност за дефибрилатори, соодносот на најниската и највисоката цена платена за овој медицински апарат е 1:3,86 што значи дека највисоката цена платена од Државен завод за статистика е за 286% повисока од најниската евидентирана во набавката на ЈП Македонска Радиотелевизија. Вака констатираните разлики во цените што ги платиле институциите не можат да се објаснат со разлики во купениот апарат, применетите постапки, ниту со критериумите за избор на најповолна понуда. Според анализираните технички спецификации нема значајна разлика во техничките карактеристики на дефибрилаторот купен од институциите чии цени се пониски со оние кои за апаратот платиле најскапо. Единствената значајна разлика е во тоа што двете институции кои дефибрилаторите ги купиле по највисока цена, Централниот регистар и Државниот завод за статистика не примениле е-аукција за намалување на цената.
Со оглед на новововедената законската обврска за набавка на овој медицински апарат во секој деловен субјект со над 100 вработени, оваа набавка беше исклучително актуелна во изминатите неколку месеци. За вклучување во 11 индексот беа избрани сите институции на национално ниво, вкупно 12, чија набавка на овој апарат беше евидентирана преку објавените огласи или склучените договори за мали набавки во евиденцијата на ЕСЈН до август 2012 година. Сепак во индексот на рационалност се вклучени 11 договорни органи со оглед на тоа што Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија достави известување дека објавената постапка за набавка на дефибрилатори бр. 12/2012 им е поништена. Разликите во цените во овој индекс на рационалност се исклучително големи и се движат од 36.698 до 141.600 денари за еден апарат. Оттука произлегува дека за парите што Државниот завод за статистика ги потрошил за набавка на еден апарат Македонската Радиотелевизија ќе купила околу 4 апарати. Во однос на применетите постапки за јавни набавки речиси и да нема разлики помеѓу договорните органи вклучени во индексот. Со исклучок на АД Електрани на Македонија кое применило отворена постапка и Централниот регистар на РМ кој применил постапка-барање за прибирање на понуди без објавување на оглас, сите останати институции примениле постапка – барање за прибирање на понуди со објавување на оглас. АД Електрани е исклучок и во однос на применетиот критериум за избор на најповолна понуда со тоа што бодувањето на понудите било правено врз основа на цената со 95 бода и рок на испорака 5 бода. Сите останати договорни органи како критериум за избор примениле ‘најниска цена‘. Во однос на примената на е-аукцијата таа не била спроведена токму од двете институции кои апаратите го купиле по највисоки цени. Централен регистар на РМ користејќи ја законската можност до јули 2012 година да примени постапка за јавна набавка со прибирање на понуди а без објавување на оглас, немал обврска да спроведе е-аукција. Негативното наддавање на цените не е применето ниту во случајот со Државниот завод за статистика каде е евидентирана највисоката цена за набавка на дефибрилатор. Според информациите добиени од Државниот завод за статистика бројот на пристигнати понуди по објавениот оглас изнесувал дури пет, но како прифатлива понуда била оценета само една и оттука не биле исполнети условите за одржување на планираната е-аукција.
Разликите во цените во набавката на дефибрилатор не можат да се оправдаат ниту со купените количини.
Договорен орган | Број на купени дефибрилатори |
ЈП Македонска Радиотелевизија | 1 |
Агенција за електронски комуникации | 1 |
АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на Републиката | 1 |
Министерство за економија | 1 |
Борис Трајковски ДООЕЛ Скопје | 1 |
Министерство за здравство | 1 |
ЈП Македонски шуми | 7 |
АД Електрани на Македонија | 16 |
Министерство за култура | 1 |
Централен регистар на РМ | 1 |
Државен завод за статистика | 1 |
Како што може да се види од претходната табела разликите во цените апсолутно не се во корелација со купените количини. Имено, АД Електрани на Македонија која ги купила најголемите количини на дефибрилатор постигнала цена која е повисока дури и од просечно постигнатата од страна на самите институции.