Индекс на рационалност за ГПС уреди
Индексот на рационалност за ГПС уреди укажува на значајни разлики во цените. Сооднос на најниска и највисока цена 1:3,02 што значи дека МЖ Транспорт своите ГПС уреди ги платил 202% повеќе од ЈСП Скопје. Добавувачите на уредите за сателитско следење на возилата кои беа консултирани констатираа дека не постои разлика во уредите купени за возила (општина Аеродром, ЈП Охридски Комуналец, ЈП Македонска Радиотелевизија), автобуси (ЈСП Скопје) или пак локомотиви (МЖ Транспорт) што секако ја прави релевантна оваа споредба на цените дадени во индексот на рационалност за ГПС уредите. Разликите во цените не можат да се објаснат со применетите постапки ниту пак со купените количини на ГПС уреди. Делумно објаснување на разликите во цените може да се најде во применетите критериуми за избор. МЖ Транспорт е единствената институција која го бодувала квалитетот на купените уреди, но тендерската документација не им беше јавно објавена на Електронскиот систем за јавни набавки за да се оцени како се вреднувал квалитетот на ГПС уредите.
Имајќи предвид дека набавката на ГПС уреди е секогаш актуелна во деветтото издание на Индексот на рационалност повторно е вклучен овој производ со цел да се утврди трендот на цените по две години од неговата прва изработка во Индекс на рационалност бр.3. Гледано споредбено цената на ГПС уредите во 2012/2013 година е значително намалена во однос на цените детектирани пред 21 две години за период на набавка од 2008 до 2011 година. Просечната цена по која се купувани уредите за сателитско следење на возила во најновиот индекс изнесува 12.534 денари што е за 42,71% помалку од просечната цена евидентирана во индексот изработен во 2011 година кога изнесуваше 21.878 денари.
Инаку, во изработката на овој индекс на рационалност беа вклучени девет институции. Од нив пет ги доставија побараните информации. ЈП Комунална хигиена Скопје каде во текот на септември - октомври писмено и телефонски информираа дека одлуката за избор на добавувачот сè уште не им е донесена, иако спроведувањето на постапката за тендерот им започна уште во јули. ЈП Македонски шуми, пак, информираа дека ГПС уредите не им се наменети за возилата туку за да се запазат границите на шумите со кои стопанисува ЈП Македонски шуми. Тендерите, пак, за овој вид набавка на ЈП Комуналец - Кичево и на АД МЕПСО им беа поништени. Оттука индексот на рационалност наместо со цените од девет институции е изработен со цените за набавка на овој вид производ од пет институции на локално и национално ниво.
Во однос на применетите постапки не може да се констатираат разлики. Имено сите спровеле транспаренти постапки, со тоа што ЈСП Скопје, општина Аеродром и МРТВ спровеле постапка со барање за прибирање на понуди до 5.000 евра, додека пак останатите две институции (ЈП Охридски Комуналец и МЖ Транспорт) спровеле постапка со барање за прибирање на понуди до 20.000 евра.
Делумно објаснување на разликите во цените може да се најде во применетите критериуми за избор. Притоа, двете институции (ЈСП Скопје и општина Аеродром) кои по најниски цени ги набавиле уредите и во самите постапки за избор на најповолна понуда го користеле критериумот ,најниска ценаʻ. Цената била пресудна и во набавката спроведена од МРТВ со тоа што тие ја бодувале цената на уредите и нивната монтажа со 40 бода, но и месечната претплата со 60 бода. Во набавката, пак, на ЈП Охридски Комуналец освен цената со 60 бода, се вреднувал и периодот на гаранција со 20 бода и рокот за плаќање со 10 бода, додека пак МЖ Транспорт цената ја бодувал само со 45 бода, потоа квалитетот со 40 бода, постгарантната поддршка со 5 бода, рокот на имплементација со 5 бода и гарантниот рок на опремата со преостанатите 5 бода. Разликите во цените не можат да се објаснат со е-аукцијата во смисла дека таа е спроведена и во тендерите каде е постигната најниска, но и највисока цена на апаратите. Планираната е-аукција не е спроведена само кај ЈП Охридски Комуналец. Како што може да се види од следниот табеларен приказ разликите во цените не можат да се објаснат со купените количини.
Број на купени ГПС уреди
Договорен орган | Број на уреди |
ЈСП Скопје | 6 |
Општина Аеродром | 8 |
ЈП Охридски Комуналец | 12 |
ЈП Македонска Радио Телевизија | 10 |
МЖ Транспорт АД Скопје | 30 |
Произлегува дека институцијата која ги купила ГПС уредите по најниска цена, купила и најмала количина, додека пак институцијата која купила најголеми количини ја платила и највисоката цена.