Индекс на рационалност за вертикална сообраќајна сигнализација
Ова е еден од индексите на рационалност чија изработка траеше најдолго. Во период од една година, на институциите дури трипати им се испраќаа барања за информации за спроведените набавки за сообраќајни знаци, и тоа во декември 2013 година, во мај 2014 година и во ноември 2014 година. Проблемите произлегуваа од нецелосните податоци кои се добиваа од институциите, што оневозможуваше јасно дефинирање на набавените знаци како предуслов за изработка на индексот на рационалност. Овие проблеми, во крајна линија, упатуваа и на сомнеж за обид на дел од договорните органи да го оневозможат изработувањето на овој индекс. Сепак, на крајот се обезбеди споредливост на податоците со тоа што индексот на рационалност за вертикална сообраќајна сигнализација е изработен преку споредба на цените кои договорните органи ги плаќале за еден ист сообраќаен знак, и тоа на оној за задолжително запирање означен со бројот 202. Станува збор за знак со дијаметар на круг во којшто е впишан правилен осумаголник и знакот СТОП. Со оглед на тоа што Правилникот за сообраќајни знаци предвидува дека овој знак, во зависност од местото на поставувањето, може да биде со дијаметар од 40, 60 и 90 сантиметри, при изработката на индексот се водеше сметка и за овој параметар. Индексот е изработен со споредба на цените за набавка на овој знак со дијаметар од 60 сантиметри како најчесто набавуван знак. Разликата во цените констатирани во индексот е една од најголемите, и тоа воопшто земено откако се изработува индексот од 2010 година, а не само во ова издание на индексот на рационалност. Цената која институциите ја плаќаат за набавка на еден знак „стоп“ се движи од 745 до 3.882 денари. Соодносот меѓу најниската и највисоката цена изнесува 1:5,21 што значи дека Општина Дебар го плаќала знакот 421% повеќе од Општина Кавадарци. Олку големите разлики не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки, ниту со применетиот критериум за избор на најповолна понуда. Разликите во цените не можат да се доведат во врска ниту со купените количини на сообраќајни знаци.
Во изработката на овој индекс првично беа вклучени 20 договорни органи, кои објавиле оглас за ваков вид набавка од јуни 2013 до август 2014 година. Сепак, со оглед на констатираните проблеми во однос на споредливоста на податоците, на крајот во индексот се вклучени шест договорни органи. Како што може да се види од табелата на индексот на рационалност за сообраќајни знаци, просечната цена за набавка на еден знак „стоп“ изнесува 1.856 денари. Три општини знаците ги купувале по цена што е пониска од просечната, додека други три општини плаќале повисока цена од просечната. Олку големите разлики во цените не можат да се објаснат со применетите постапки бидејќи сите општини во набавката примениле соодветна законски предвидена постапка за која објавиле оглас. Притоа, општините Кавадарци и Охрид примениле отворени постапки, а останатите општини – постапка со барање за прибирање понуди. Само Општина Гостивар го користела критериумот за избор „економски најповолна понуда“, при што цената носи 40 бодови, рокот на изработка 20 бодови, рокот на плаќање 20 бодови и гаранцијата 20 бодови. Сите останати, пак, користеле критериум за избор „најниска цена“. Оттука, не зачудува што Општина Гостивар плаќала една од највисоките цени за набавка на сообраќајниот знак „Стоп“, иако во својата постапка имала три понудувачи и била спроведена електронска аукција за намалување на цената. Во постапката спроведена од Општина Дебар, пак, каде што е постигната убедливо највисоката цена за оваа набавка, добиена е една понуда и планираната е-аукција не е спроведена. Оттука, постапката спроведена од Општина Дебар потврдува дека во случаи кога е-аукцијата е планирана а нема да се одржи поради отсуство на конкуренција, постои ризик договорот да се склучи со повисоки цени. Имено, вообичаено правило е фирмите, во очекување на е-аукцијата, на отворањето на понудите да достават цени кои се повисоки оставајќи можност за нивно намалување во текот на негативното наддавање за време на е-аукцијата.
Дека причините за разликите во цените се невообичаени, говори и следната табела, каде што не може да се докаже директната поврзаност на цените со купените количини. Во тендерските документации на општините Струга и Гостивар не беа наведени планираните количини на набавка, што секако не треба да биде практика, имајќи предвид дека количините се еден од основните параметри врз основа на кои понудувачите ги определуваат своите цени.
Количина на купените сообраќајни знаци за задолжително запирање
Договорен орган | Број на купени сообраќајни знаци | Отстапување од просечната цена |
---|---|---|
Општина Кавадарци | 76 | -149,1% |
Општина Струмица | 15 | -108,8% |
Општина Струга | / | -93,5% |
Општина Охрид | 20 | +10,0% |
Општина Гостивар | / | +28,5% |
Општина Дебар | 25 | +52,2% |
Како што може да се види од претходниот табеларен приказ, Општина Кавадарци, која плаќа најниска цена за една сообраќаен знак, купила најголеми количини, но во исто време Општина Струмица, чија цена е пониска од просечната, купила помал број знаци отколку Општина Дебар, која ја платила највисоката цена.