Индекс на рационалност за хоризонтална сообраќајна сигнализација
Цената која институциите ја плаќаат за хоризонтално обележување улици со полна линија, со испрекината линија и со паркинг-линија во бела или жолта боја 1 за 1 м2 се движи од 142 до 354 денари. Соодносот меѓу најниската и највисоката цена изнесува 1:2,49, што значи дека Општина Струга за истата услуга плаќа 149% повеќе од Општина Прилеп. Констатирано е дека една иста фирма со различни добавувачи склучувала договори за услугата – сообраќајно обележување на улиците по цени кои се разликуваат и до 120%. Причините за ова, доколку се бараат во самите постапки за јавни набавки, можат да се лоцираат во електронските аукции. Имено, во постапките каде што е постигната пониска цена, спроведена е е-аукција, додека во оние постапки каде што цената е значително повисока, немало е-аукција оти била доставена само по една понуда. Ова, секако, укажува на проблемот дека во очекување на негативното наддавање, фирмите првично доставуваат многу повисоки цени, кои во случаите кога се единствен понудувач им овозможуваат склучување договори по повисоки цени.
Во изработката на овој индекс беа вклучени постапките за јавни набавки за оваа услуга спроведени во првото полугодие од 2014 година од десет договорни органи. Во индексот сепак се вклучени само седум институции, бидејќи кај останатите три е констатиран друг начин на пресметка на цената на услугата. Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот, просечната цена што е постигната за оваа услуга изнесува 217 денари за обележување на 1м2 од улицата. Четири општини услугата ја платиле по цена што е пониска од просечно постигната, а три општини платиле повисока цена. Разликите во цените се значајни и не можат да се објаснат со самиот избор на применетите постапки и со применетите критериуми за избор на најповолна понуда. Единствената значајна разлика во овие тендери е во конкуренцијата и оттука, во можноста да се одржат планираните е-аукции. Општина Прилеп и комуналното јавно претпријатие „Нискоградба“ од Битола примениле отворени постапки, што значи дека имале поголема набавка, додека општините Гевгелија, Кочани, Велес и Струга примениле постапка со барање за прибирање понуди во вредност над 5.000 евра, а само Општина Берово спровела постапка со барање за прибирање понуди, но до 5.000 евра. Сите договорни органи во изборот на најповолната понуда како критериум ја користеле најниската цена. Генерално, конкуренцијата во овие постапки била мала, со максимум три понудувачи. Сепак, и конкуренцијата од два или три понудувачи овозможила во дел од тендерите да се одржи планираната аукција. Планираното негативно намалување на цените преку аукцијата не е одржано токму во постапките каде што е евидентирана највисока цена за услугата, општините Велес и Струга. Овие случаи секако укажуваат на негативните ефекти од е-аукцијата во случаи кога конкуренцијата на тендерите не е на посакуваното ниво и кога не може да се спроведе планираната е-аукција.
Количини на набавка на услугата за хоризонтална сообраќајна сигнализација
Договорен орган | Количини во м2 | Отстапување од просечната цена |
---|---|---|
Општина Прилеп | 10.500 | -52,8% |
Општина Гевгелија | 1.900 | -35,6% |
КЈП Нискоградба-Битола бела | 7.500 | -16,0% |
Општина Кочани | / | -2,4% |
Општина Берово | / | +5,7% |
Општина Велес | 4.490 | +8,1% |
Општина Струга | / | +38,7% |
Со оглед на тоа што дел од договорните органи во своите тендерски спецификации немаа наведено за колку м2 им е потребна услугата за хоризонтална сигнализација, речиси е невозможно да се види дали постои поврзаност на постигнатите цени со количините кои се предмет на набавката. Сепак, од оние договорни органи кои ги имаат наведено количините, единствено кај Општина Прилеп може да се констатира некаква поврзаност меѓу цената и количината, односно од една страна е постигната најниска цена, а од друга, набавени се и позначителни количини. Кај сите други договорни органи вклучени во овој индекс не може да се констатира постоење на оваа економска законитост.