Индекс на рационалност за индустриска сол (пакувана во вреќи)

  • 02/2017

Соодносот на најниската и највисоката цена во набавката на индустриска сол пакувана во вреќи од 20 до 30 килограми изнесува 1:1,70 што значи дека највисоката цена, што ја плаќа ЈКП Комуналец – Прилеп, е за 70% повисока од цената што за истиот производ ја плаќа ЈКП Водовод Кочани. Сите набавки на солта биле спроведени преку барања за прибирање понуди и за нив бил објавен оглас на Електронскиот систем за јавни набавки. Но, транспарентноста на процесот не довела до конкуренција. Само по еден понудувач се јавил во четири од петте постапки, односно само на тендерот на Општина Велес се доставени 2 понуди. Оттука, во постапките со единствен понудувач не постоеле услови за спроведување на планираните електронски аукции за намалување на цените. Оттука, може да се оцени дека  разликите во цените се последица на отсуството на конкуренција. 

Во изработката на овој индекс на рационалност, којшто се однесува на индустриска сол пакувана во вреќи од 20 до 30 килограми, се вклучени 5 договорни органи коишто спровеле тендер за набавка на индустриска сол во периодот ноември-декември 2015 година, односно за зимската сезона 2015/2016 година.

Како што може да се види од табеларниот приказ, просечно постигнатата цена за набавка на 1 тон индустриска сол пакувана во вреќи изнесува 11.962 денари. Три договорни органи ја купувале солта по пониска цена од просечно постигнатата, и тоа од 0,17% до32,94%, додека, пак, два договорни органи ја купиле солта по повисока цена, и тоа од 15,45% до 22,02%. Разликата во цените не може да се објасни со применетите постапки, бидејќи во согласност со законот, сите примениле постапка со барање за прибирање понуди за коишто објавиле огласи за јавна набавка. Во сите постапки, во согласност со Законот за јавни набавки, бил користен критериум за избор на најповолна понуда ’најниска цена‘. Во ниту еден од тендерите не биле поставени посебни критериуми за утврдување на способноста на понудувачите, што значи дека не постоеле ограничувачки фактори што би ја дестимулирале конкуренцијата. Но, и покрај ова, на четири од петте тендери, понуди доставил само еден понудувач. Сепак, во тендерот во којшто имало двајца понудувачи и имало услови за спроведување на планираната електронска аукција, негативното намалување на цените не довело до значајно намалување. Оваа состојба, надополнета со отсуството на конкуренцијата на другите четири тендери, секако говори за дисторзии на пазарот на јавни набавки во однос на индустриската сол.

Оваа констатација се потврдува и низ следниот табеларен приказ, од којшто станува јасно дека институциите вклучени во овој индекс, иако имаат големи разлики во цените, не се разликуваат многу во однос на набавените количини. 

 

 

Количини на купена индустриска сол пакувана во вреќи 

                            Договорен орган                                             Тони             Отстапување од просечната цена 
ЈКП Водовод Кочани 20 -32,94%
ЈКП Илинден н. Илинден 25 -27,51%
Општина Велес 25 -0,17%
АД Електрани на Македонија - Скопје 25 +15,45%
ЈКП Комуналец - Прилеп 10 +22,02%

 

Отсуството на влијание на количините врз цената најдобро се отсликува во набавките на ЈКП Илинден н.Илинден, на Општина Велес и на АД Електрани на Македонија – Скопје, кои купиле идентични количини, а солта ја купувале по цени од 9.381 до 14.148 денари.