Индекс на рационалност за ГПС уреди

  • 12/2011

Највисоката цена во овој индекс е поголема од најниската за дури 158%, при што соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1: 2.58. Индексот покажува дека цените на овој производ се особено чувствителни на количините што се купуваат, но не и применетите постапки за јавни набавки. 

Набавката на ГПС уреди за возилата стана особено актуелна во текот на 2011 година, но постапките честопати завршуваа со поништувања. Со цел да се даде сеопфатен приказ за овој вид производи, набавката на ГПС уреди се анализира во периодот од 2008 до 2011 година. Барања беа доставени до 14 институции. Одговори не беа добиени само од Службата за општи и заеднички работи, која и по неколку најави дека ќе ги достави побараните податоци, не го стори тоа, 5 Година кога е спроведена јавната набавка. 24 како и ЈКП „Водовод и канализација“ - Прилеп. Додека, пак, договорните органи ЈП „Македонски шуми“ и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој одговорија дека нивните ГПС уреди не се монтирани во возила и дека станува збор за рачни уреди кои се користат при теренска работа. Агенцијата за катастар на недвижности одговори дека нивните ГПС уреди не се за возила, туку за одредување на градски тригонометриски мрежи. Одговор беше добиен и од АД „МЕПСО“, од каде што информираа дека немаат спроведено нова постапка за јавна набавка на ГПС уреди за возила по поништениот тендер во 2010 година. Оттука, во индексот на рационалност за ГПС уреди се вклучени 8 институции. 

Притоа, под вака високо поставена просечна цена, која ја диктираат самите договорни органи според цените кои тие индивидуално ги постигнале, набавката ја реализирале пет институции, а три договорни органи ги купиле ГПС уредите по повисоки цени. Како што може да се забележи во Индексот, цените имаат благ тренд на опаѓање низ годините, но воедно покажуваат директна врска со набавените количини. 

Имено, институциите што купиле најголеми количини на вакви уреди постигнале пониски цени, но воедно разликите се толку големи што, сепак, не може да се најде целосна економска оправданост за соодносот на најниската и највисоката цена од 1:2,58. Така, Дирекцијата за заштита и спасување набавила поголеми количини на ГПС уреди по повисока цена од Општина Штип и ЈП „Охридски комуналец“, чии количини, но и цени, се пониски за 28,2% односно за 22,65%. Воедно, економска оправданост во купените количини не може да се најде и во цените на ГПС уредите на ЈП „Комунална хигиена“ и ЈСП Скопје купени во иста година, а со меѓусебна разлика во цените од дури 59%. 

 

                                                         Количини на купени ГПС уреди 

Договорен орган Број на купени уреди
 Македонска пошта  150
 Општина Штип  6
 ЈП „Охридски комуналец“  12
 Царинска управа  130
 Дирекција за заштита и спасување  30
 ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје  100
 ЈП „Комунална хигиена“  15
 ЈСП Скопје  30

 

Со оглед на фактот дека највисоката и најниската цена во индексот е постигната низ отворени постапки за доделување договор за јавна набавка, неизбежен е заклучокот дека применетите постапки не влијаеле врз постигнатите цени. Ова толкување дополнително го засилува податокот дека единствените две институции што примениле постапка со прибирање понуди без оглас, Општина Штип и ЈП „Охридски комуналец“, успеале да набават уреди со цени релативно пониски од просечните. 

Сериозни разлики со кои би се објасниле и разликите во цените генерално нема ниту во применетите критериуми за избор на најповолна понуда. Најконтрадикторно е можеби тоа што институцијата која единствено го применила критериумот ,најниска цена‘, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, има една од највисоките цени во индексот. Сите останати институции што набавките ги спровеле преку отворени постапки за доделување договор (Македонска пошта, Царинска управа, ЈП „Водовод и канализација“ и ЈСП Скопје) во изборот со најповолна понуда го примениле критериумот ,економски најповолна понуда‘. Македонска пошта ги примени следните елементи: цена 50 бода и квалитет 50 бода, Царинската управа цената ја бодувала со 45, потоа квалитетот со 30 бода, должина на гарантен рок на системот со 15 и времето на одѕив потребен за извршување на услуги за надградба и одржување на системот со 10 бода. 

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, пак, при изборот на најповолна понуда, цената ја бодувал со 50, квалитет со 40, гаранција од производител со 5 и 26 постгарантниот период со 5 бода. И на крајот, ЈСП Скопје изборот на најповолна понуда за набавка на ГПС уреди ја спровело преку следните елементи од кои се состоел критериумот ,економски најповолна понуда‘ - цена до 60 бода, квалитет до 25 бода, гаранција од производителот до 10 и постгаранциски сервис до 5 бода. Бодување на квалитетот и периодот на гаранција е евидентирано и кај Дирекцијата за заштита и спасување, која ја применила постапката за прибирање понуди со објавување оглас (цена до 60 бода,квалитет до 20 бода и период на гаранција до 20 бодови). 

Како што може да се види, сите институции давале значаен дел од бодовите за квалитет и за своевидни гаранции од производителот, од што може да се заклучи дека критериумите за избор не биле пресудни за постигнатата цена.