Индекс на рационалност на лаптоп-компјутерите со процесор Intel Core i5
Индексот на рационалност на лаптоп-компјутерите со процесор Intel Core i5 покажува дека врз постигнатите цени влијаеле набавените количини, применетите постапки и е-аукциите. Сепак, разликите во цените се толку големи што отстапувањата не можат да бидат и во согласност со економската логика или пак рационалноста во трошење на јавните пари. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1: 2,1 што значи дека цената на најскапите преносни компјутери е за 101% повисока од најниската цена.
Цените што се наоѓаат на двете крајности од индексот се постигнати од страна на образовни институции, Универзитет за информатички науки и технологии - Охрид и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Но, разликата е во тоа што иако станува збор за компјутери со ист процесор, оние на битолскиот универзитет се т.н. Elitbook, со голема моќна графичка карта Nvidia 250 G. Причината што, и покрај овие разлики, останавме на концептот на споредување на овие компјутери произлегува оттаму што сепак станува збор за државни институции, во случајов образовни, кои на своите професори или студенти треба да им обезбедат, од една страна, услови за работа или студирање кои ќе бидат на исто ниво, а од друга страна, во јавните набавки никогаш не треба да се заборава на принципот на рационалност.
Но, освен во графичката карта, разликата помеѓу лаптоп-компјутерите купени во двата универзитета е и во количините. Како што може да се види од следната табела со купените количини, најниската цена е постигната при набавка на најголем број на компјутери.
Купени количини на лаптоп со процесор Intel Core i5
Договорен орган | Купени количини |
Универзитет за информатички науки и технологии – Охрид | 200 |
ЈЗУ Градска општа болница „8 Септември“ Скопје | 3 |
Дирекција за заштита и спасување | 10 |
ЈКП „Дервен“ Велес | 4 |
Универзитет „Св. Климент Охридски“ Битола | 4 |
Гледано од аспект на применетите постапки, и тука се чини дека работите имаат логично објаснување. Најниската цена е постигната во набавка реализирана низ отворена постапка, во која најниската цена била критериум за избор на најповолна понуда и во која на крајот се спровела и електронска аукција за дополнително намалување на цената. Слично е и кај втората по ред најниска цена, на ЈЗУ Градска општа болница „8 Септември“ - Скопје, каде што лаптоп-компјутерите, со оглед на малата количина, биле купени како дел од информатичка опрема, а се применила и е-аукцијата за натамошно 22 намалување на понудените цени. Во следните две рангирани институции, Дирекцијата за заштита и спасување и ЈКП „Дервен“ – Велес, применети се постапки со барање за прибирање понуди со објавување оглас. Највисоката цена на преносните компјутери е постигната низ постапка со прибирање понуди, но без објавување оглас. Во однос на критериумот за избор на најповолна понуда, четири од петте институции примениле ,најниска цена‘. Само Дирекцијата за заштитата и спасување применила критериум ,економски најповолна понуда‘ со следните елементи: цена до 80 бода, квалитет до 10 и рок на испораката до 10 бода.