Индекс на рационалност на лаптоп-компјутери со процесор Intel Core i3

  • 12/2011

Соодносот на најниската и нависоката цена при набавката на лаптоп- компјутери со процесор Intel Core i3 изнесува 1: 1,98 што значи дека највисоката цена е за 98% повисока од најниската. Притоа, наспроти сите очекувања, највисоката цена во овој индекс е постигната низ отворена постапка, во која е спроведена дури и е-аукција. Врз постигнатите цени значајно влијание не оствариле ниту купените количини бидејќи, како што може да се види од следната табела, институциите со најниска и највисока цена купиле речиси слични количини. 

Како што е веќе нотирано во самиот заклучок на овој индекс, цените не кореспондираат на стандардните очекувања од применетите постапки, бидејќи најниската цена е постигната низ постапка за прибирање понуди без објавување оглас. Иако, мора да се нагласи дека Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот компјутерите ги купила со софтвер Windows home basic, кој е поевтин од софтверот Windows Professional 7 инсталиран во лаптопите на останатите институции вклучени во индексот. Воедно, институцијата која компјутерите ги купила по највисока цена спровела отворена постапка за доделување договор, што завршила со е-аукција. Преку отворена постапка, но без е-аукција, компјутерите ги купиле и Градежен факултет и Државниот завод за статистика, и тоа како дел од информатичката опрема која ја набавувале. Постапката на прибирање понуди со објавување оглас била применета од страна на Советот за радиодифузија.

Гледано од аспект на применетите критериуми за избор на најповолна понуда, ,најниска цена‘ е применета од страна на Градежниот факултет и Државниот завод за статистика. Критериумот ,економски најповолна понуда‘ бил применет од страна на Советот за радиодифузија со елементите цена до 80 бодови и гаранција до 20 бода, како и Здравствениот дом Скопје, каде што цената носела максимум 90 бода, а квалитетот до 10 бода. Оттука произлегува дека применетите критериуми за избор на најповолна понуда исто така не биле од пресудно значење. 

Врз постигнатите цени значајно влијание не оствариле ниту купените количини бидејќи, како што може да се види од следната табела, институциите со најниска и со највисока цена купиле речиси слични количини. Воедно, во групата на натпросечно високи цени се наоѓа и институцијата која ги купила најголемите количини на лаптопи, и тоа како дел од уште поголема набавка на друга информатичка опрема. 

 

                                       Купени количини на лаптоп со процесор Intel Core i3

Договорен орган Купени количини
 Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ  6
 Градежен факултет - Скопје  14
 Совет за радиодифузија на РМ  25
 Државен завод за статистика  27
 Здравствен дом Скопје  5