Во земјава има 263 амбулантни возила просечно стари 12 години

  • 06/06/2023

База на амбулантни и санитетски возила 2023

Според истражувањето за амбулантните и санитетските возила на здравствените установи, во земјава има вкупно 263 вакви возила. Санитетско или амбулантно возило поседуваат вкупно 58 здравствени установи.

Просечната година на производство на овие возила е 2011 година, што значи дека амбулантните и санитетските возила се просечно стари 12 години.

Најстарото возило – Мерцедес од 1988 година, го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево. Најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово. 

Просечната набавна вредност на возилата е 38 илјади евра. Најскапо купени воопшто вакви возила во земјава се двете возила подарени од Министерството за здравство на Клиниката за детски болести од Скопје во далечните 2001 и 2013 година, со набавна вредност од 105 и 135 илјади евра. 

 

Дури 73 проценти од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22 % од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства.

 

Министерството за здравство најчесто се јавува како институција која им ги отстапува на користење возилата на здравствените установи, додека како донатори се јавуваат други земји, невладини организации или поединци.

 

Најчеста марка амбулантни и санитетски возила е Рено, од која има дури 74 возила, од кои 62 возила се од моделот Трафик. Следни се Ситроен со 35 возила, како и Фиат и Фолксваген со по 26 возила. 

ambulantni modeli

Споредбата со истото вакво истражување, но пред четири години, покажува неколку разлики. Прво, за разлика од пред четири години кога само 47 здравствени установи пријавија дека имаат амбулантни возила, сега бројот на институции со вакви возила изнесува 58, што значи 11 дополнителни институции. Соодветно на тоа, има пораст и кај бројот на амбулантни и санитетски возила. Ако во 2019 година овој број изнесувал 183 возила, сега бројката е 263, односно плус 80 возила. Постои разлика и во староста на овие возила. Пред четири години нивната просечна старост изнесувала 11 години, сега тие се за една година постари, односно просечно се стари 12 години. Сепак, од новостекнатите 80 возила, само 30 се нови, односно произведени во последните три години, додека другите се повторно стари возила.

 

*    *    *

Истражувањето и базата на податоци на сите амбулантни и санитетски возила е изработена врз основа на податоци обезбедени од здравствените установи во земјава: здравствени домови, клиники и клинички болници, општи и специјални болници, заводи, институти, здравствени станици и центри за јавно здравје, врз основа на доставени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер во јануари 2023 година. Оттука, за точноста на податоците одговорноста ја имаат овие институции како иматели на овие информации. Беа потребни цели три месеци да се соберат сите информации за изработка на базата.

Податоците од оваа база, како и од сите претходни, Центарот за граѓански комуникации ја става на располагање во отворен формат за да послужи како основа за натамошно користење и истражување од страна на новинарите, граѓанските организации и сите други заинтересирани страни. Во крајна линија, целта е сите заедно да придонесеме за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.

 

Ова истражување се спроведува во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество - Македонија. Содржината на оваа публикација е одговорност на издавачот и на авторите и не ги одразува ставовите на Фондацијата Отворено општество - Македонија.