Имаме 536 пожарникари помалку од законски потребните
Противпожарнивозила на општините декември 2019
На 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат најмалку 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум.
Само четири од сите 30 противпожарни единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест други единици имаат токму толку колку што бара минимумот. На останатите 20 единици им недостигаат вкупно 536 пожарникари за да го задоволат законскиот минимум.
Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје, каде покрај сите скопски општини се опфатени и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер - Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково.
Следуваат Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари, и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Не е подобро ниту во Куманово каде недостигаат 49 пожарникари. Во Битола има кусок од 32, а во соседен Прилеп од 26 пожарникари.
Меѓу општините со повеќе од законски предвидениот минимален број пожарникари се Охрид и Ресен, кои имаат само по двајца пожарникари повеќе од минимално определениот број, како и Демир Хисар и Крушево – само со по еден пожарникар над минимумот. Шесте општини со ист број пожарникари со законскиот минимум се: Штип, Радовиш, Делчево, Македонски Брод, Пробиштип и Кратово.
Пресметките се направени врз основа на законски пропишаниот минимум пожарникари, проценката од Државниот завод за статистика за бројот на населението што живее во општините што се опфатени од противпожарните единици, како и бројот на моментално вработените пожарникари во секоја од 30-те единици според податоците добиени од самите единици преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Според Законот за пожарникарство, минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици треба да изнесува:
- во општините до 10.000 жители - девет професионални пожарникари,
- во општините од 10.000 до 15.000 жители - 13 професионални пожарникари,
- во општините од 15.000 до 24.000 жители - 17 професионални пожарникари и
- во општините со над 24 000 жители - еден професионален пожарникар на 1.500 жители.
Законот, исто така определува дека утврдениот број на професионални пожарникари на противпожарните единици се зголемува соодветно на бројот на жителите на соседните општини кои ги покрива формираната единица.
Сепак, без оглед на законскиот минимум, ако се земе предвид еден од најчесто користените критериуми – број на пожарникари на 1.500 жители, најдобро стојат четири општини – сите со повеќе од еден и пол пожарникар на илјада и петстотини жители: Демир Хисар (1,87), Македонски Брод (1,77), Ресен (1,76) и Крушево (1,61). Просекот на земјата е 0,64 пожарникари на илјада и петстотини жители. Најлошо од овој аспект стојат Гостивар (0,32), Куманово и Скопје (0,49), Кочани и Тетово (0,51) и Битола (0,52).
Инаку, согласно законот, територијални противпожарни единици формираат Градот Скопје и општините: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово, Штип, Ресен, Кавадарци, Валандово, Дебар, Берово, Виница, Делчево, Крива Паланка, Кратово, Струга, Кичево, Крушево, Македонски Брод, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип, Демир Хисар и Неготино.
Притоа, противпожарните единици ги покриваат следните општини: Битола за општините Новаци и Могила; Велес за општините Градско и Чашка; Гевгелија за општините Богданци и Дојран; Гостивар за општината Врапчиште и делот Маврово од општината Маврово - Ростуше; Кочани за општините Зрновци и Чешиново; Куманово за општините Липково и Старо Нагоричане; Охрид за општината Дебрца; Прилеп за општините Долнени и Кривогаштани; Струмица за општините Босилово, Василево и Ново Село; Тетово за општините Брвеница, Јегуновце, Теарце, Боговиње и Желино; Штип за општината Карбинци; Кавадарци за општината Росоман; Дебар за општината Центар Жупа и делот Ростуше од општината Маврово - Ростуше; Берово за општината Пехчево; Делчево за општината Македонска Каменица; Крива Паланка за општината Ранковце; општината Струга за општината Вевчани; општината Македонски Брод за општината Пласница; општината Радовиш за општината Конче; општината Свети Николе за општината Лозово, општината Неготино за општината Демир Капија и градот Скопје за општините Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер - Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково.
Заради оперативно делување при гаснењето на големи пожари на целата територија на Република Северна Македонија, територијалните противпожарни единици на градот Скопје и општините: Битола, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кичево, Охрид, Кочани, Штип и Гостивар, дејствуваат и како противпожарни единици на Република Северна Македонија.
И да има пожарникари, дали има што да возат?
Инаку, покрај недостигот на пожарникари, речиси да нема промена и во расположливоста со противпожарни возила во земјава. Според годинешното истражување и базата на податоци што ги изработи Центарот за граѓански комуникации, во земјава има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години. За споредба, истражувањето од пред точно една година покажа дека земјата тогаш имаше 220 возила, просечно стари 27 години.
Ова значи дека возилата што се набавени во меѓувреме не биле нови и не го „подмладиле“ противпожарниот возен парк во земјава. Напротив, во текот на 2019 година противпожарните единици во земјава го зголемиле бројот на возила за 26, но нивната просечна старост изнесува дури 18 години. Во текот на истата година, расходувани се 5 стари возила.
Во меѓувреме од ланското истражување кое покажа загрижувачка состојба со противпожарните возила во земјава, со возила „на ново“ се стекнале само противпожарните единици во Прилеп (две нови возила од 2019 година) и во Демир Хисар (едно возило од 2017 година).
Најстари возила имаат Кратово и Делчево, најнови Велес и Демир Хисар
Најстари возила, во просек 35 години, и натаму има противпожарната единица во Кратово, која од лани до сега го проширила возниот парк, но сепак со стари возила. Со истата просечна старост на возилата од 35 години е и противпожарната единица од Делчево, а веднаш зад нив на третото место според просечната старост на возилата е Струмица, со 33 години. Со просечна старост на противпожарните возила од 32 години се Охрид и Крива Паланка, а просечно по 31 година се стари противпожарните возила на Куманово и Битола.
Спротивно, најмлад возен парк, во просек по 20 години, имаат противпожарните едници во Велес и Демир Хисар. Меѓу подобрите се и Берово со 21 и Прилеп со 22-годишна просечна старост на противпожарните возила.
Валандово и Струмица ги имаат двете најстари противпожарни возила во земјава – ТАМ 5500 и ФАП 13 – и двете од 1966 година, односно стари по 54 години.
Најмладите три возила, стари нецела година, односно произведени во 2019 година ги имаат Прилеп и Демир Хисар.
Инаку, најмалку противпожарни возила во земјава има единицата во Македонски Брод, само две, додека по три возила имаат единиците во Демир Хисар, Берово и Делчево.
Кога станува збор за застапеноста на марки возила, убедливо води ФАП со дури 63 возила. Следат Лада Нива од која има 32 возила, ДАФ со 20 возила и ТАМ со 18. Од марките Волво и Мерцедес има по 13 возила.
Податоците од оваа база, како и од сите претходни, Центарот за граѓански комуникации ја става на располагање во отворен формат за да послужи како основа за натамошно користење и истражување од страна на новинарите, граѓанските организации, граѓаните, науката и сите други заинтересирани страни. Во крајна линија, целта е сите заедно да придонесеме за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.
Ова истражување е подготвено од страна на Центарот за граѓански комуникации со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината во ова истражување е одговорност на авторите и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.