За справување со снегот и мразот годинава предвидени се 5,5 милиони евра
Приказ на трошоците за зимско одржување за 2018 година
За ангажирање на механизација од приватни фирми за чистење на улиците и патиштата од снег, како и за набавка на индустриска сол и ризла, во зимската сезона 2017-2018 година, планирано е да се потрошат околу 340 милиони денари јавни пари, односно околу 5,5 милион евра.
Вредноста на парите одвоени за оваа намена е поголема од претходните две сезони, и тоа од 2016-17 година за 300 илијади евра, а од 2015-16 година за 400 илјади евра. Ова се дополнителни трошоци, покрај оние за редовно буџетско финансирање на работењето на државните и локалните јавни претпријатија чија основна дејност е токму одржувањето на илиците и патиштата.
Според истражувањето во кое се опфатени 55 постапки за јавна набавка за зимско одржување, во вкупните трошоци за оваа намена доминантни се трошоците за користење на механизација и на работници од приватни фирми наспроти трошоците за набавка на индустриска сол и ризла за фрлање по патиштата и улиците.
Најмногу пари за зимско одржување ќе потрошат „ЈП Македонија пат“, Градот Скопје и Општина Гази Баба. Доминатен дел од парите (вкупно 3,1 милион евра) односно 56% ќе бидат потрошени од „ЈП Македонија пат“, кое е задолжено за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта и чија задача е и нивно зимско одржување. Поконкретно, за ангажирање на механизација и работници „Македонија пат“ има склучено договори со 3 фирми во вкупна вредност од 1,7 милиони евра. Тендерот беше делив на пет дела и оттука три договори во вкупна вредност од 1,2 милиони евра се склучени со фирмата „НБ-Транс Сомпану“ од Тетово која е задолжена за извршување на патни работи во зимски услови во подружниците „Автопат“, „Скопје“ и „Штип“. За извршување на работите на подружницата „Битола“ договорот е склучен со „ЈОСКАТРАНС-ТРЕЈД“, Демир Хисар и тоа во вредност од 326 илјади евра, а за подружницата „Велес“ со „ЈА-МИ“, Велес во вредност од 163 илјади евра. Со вака склучените договори „Македонија пат“ продолжи да ги користи услугите на две фирми со кои и претходно соработувала и тоа „НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО“ Тетово и „ЈОСКАТРАНС-ТРЕЈД“ Демир Хисар. Нововклучена фирма во зимското одржување на улици е фирмата „ЈА-МИ“ од Кавадарци. Годинава „Македонија пат“ не ја продолжила соработката со фирмата „Перпарими Нухи Реџепти“ од Зајас. Годинава, договорот за набавка на сол за фрлање по улиците во зимски услови, „Македонија пат“ го склучи со „ДИМАКС РУДНИЦИ“ Демир Хисар и тоа во вредност од 1,4 милиони евра. Со ова е прекината долгогодишната соработка на „Македонија пат“ со фирмата „КИ-ЕМ“ Скопје во набавката на индустриска сол. Воедно, за оваа зимска сезона „Македонија пат“ купила 12.000 тони индустриска сол наспроти 9.000 тони за зимската сезона во 2016/17 година и 7.000 тони сол за зимата 2015/16 година. За оваа зимска сезона јавното претпријатие има склучено и договор за ангажирање на возила за превоз на ризла за зимско одржување во вредност од околу 58 илјади евра, но не и договор за набавка на ризла. Имено, во периодот август-ноември 2017 година јавното претпријатие имало три неуспешни тендери за набавка на ситен песок за фрлање по улиците.
Очекувано, следен на листата според големината на договорите за одржување на улици во зимски услови е Градот Скопје. Договорот за ангажирање на 15 специјални возила со соларка и плуг за зимско одржување на сообраќајници на територија на Град Скопје е склучен на 18 јули 2017 година и тоа во период од две години. Вкупната вредност на договорот склучен со „АПОЛО ИНЖЕНЕРИНГ“ с. Шишево Скопје изнесува 813 илјади евра. Оттука во обработката на податоците за ова истражување е земена половина од овој износ, односно само за зимската сезона 2017-2018 година. Значајно е да се нагласи дека „АПОЛО ИНЖЕНЕРИНГ“ ги одржува скопските улици во зимски услови во континуитет од 2011 година. Во однос на набавката на сол, Градот Скопје сѐ уште нема склучено договор, но проценетета вредност на договорот изнесува 220 илјади евра.
Гледано на ниво на општини, зимското одржување најмногу пари ќе ја чини Општина Прилеп која за оваа намена за сезоната 2017-2018 година, согласно договорот склучен со „ПЕЛА ТРАНС ДООЕЛ“ с. Мажучиште, Прилеп изнесува 292 илјади евра. На второ место е Општина Тетово чии договор со „НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО“ Тетово изнесува околу 130 илјади евра. На тето место според вредноста е Општина Гази Баба, која за времетраење од три година има склучено договори со две компании, „РЕКА ИНТЕРНАЦИОНАЛ“ Скопје и „БИЛД-ИНГ“ ДОО Скопје. Притоа, за период од три години договорите се во вкупна вредност од 372 илјади евра, односно на годишно ниво по 124 илјади евра.
Сите три општини кои трошат најголеми пари за набавката на услугите за зимско одржување на улици (Прилеп, Тетово и Гази Баба) ги склучиле договорите со истите фирми, како и во претходната година, односно години. Договор за зимско одржување со вредност поголема од сто илјади евра има уште и Општина Струга која има склучено договори со шест фирми („ЕРР-КОП 2007“ с.Лабуништа Струга, „ТРАНС РАИФ“ Делгожда, „БЛЕРИМ КОМЕРЦ“ Влаши Ваит-Велешта, „МАДРИТ 2017“ с.Велешта Струга, „ТРАНС-АГ“ с.Франгово Струга и „АМ-ИС ТРАНС“ с.Велешта Струга) во вкупна вредност од околу 105 илјади евра.
Трошоци за зимско одржување на улици по региони
Доколку се исклучат договорите на ЈП Македонија пат која е задолжена за одржување на магистралните и регионалните патишта, гледано по региони, и оваа зимска сезона најмногу пари за одржување на улиците ќе се потрошат во скопскиот регион (1,2 милиони евра), а најмалку во југоисточниот регион (околу 4,6 илјади евра). Притоа, во споредба со претходните години, пораст во вредноста на потрошените пари за зимско одржување на улици има во шест региони, а намалување само во два. Притоа, во апсолутен износ, најголема скок во вредноста има во скопскиот регион и тоа за 264 илјади евра, а во релативен, во вардарскиот регион со скок од 64%. Голем пад во вредноста на тендерите за зимско одржување на улици е евидентиран во североисточниот регион и тоа од минатогодишните околу 329 илјади евра на нецели 24 илјади евра за оваа зимска сезона, односно намалување за 93%.
Трошоци за зимско одржување по региони во последните три зимски сезони
Регион | Вредност во евра (зимска сезона 2015/16) | Вредност во евра (зимска сезона 2016/17) | Вредност во евра (зимска сезона 2017/18) |
скопски | 993.259 | 924.442 | 1.188.273 |
пелагониски | 289.847 | 384.847 | 437.903 |
полошки | 355.311 | 289.544 | 301.416 |
југозападен | 213.657 | 173.236 | 234.274 |
источен | 114.901 | 124.119 | 120.758 |
вардарски | 130.211 | 43.272 | 70.962 |
североисточен | 67.677 | 328.727 | 23.870 |
југоисточен | 27.873 | 3.251 | 4.592 |
Притоа, во скопскиот регион, Градот Скопје и 12 од вкупно 17 општини колку што опфаќа регионот ќе потрошат околу 1,2 милион евра. Следува пелагонскиот регион каде 7 од вкупно 9 општини имаат договори за зимско одржување во вкупен износ од 478 илјади евра. На трето место е полошкиот регион каде доминантен дел од општините предвидуваат трошоци за зимско одржување и тоа во вкупен износ од околу 301 илјади евра. Во југозападниот регион, каде вредносно доминираат договорите на општините Кичево и Струга вкупно ќе се потрошат 234 илјади евра. Во источниот регион само 5 општини имаат тендери за зимско одржување на улици и тоа во планирана вредност од околу 121 илјади евра.
Под прагот од 100 илјади евра се три региони, вардарскиот, североисточниот и југоисточниот. Притоа во вардарскиот регион 5 од вкупно 9 општини имаат договори за зимско одржување на улици и тоа во вкупен износ од околу 71 илјади евра. Во североисточниот регион само три општини имаат трошоци за зимско одржување во вкупен износ од околу 24 илјади евра. Убедливо најмалку пари за зимско одржување на улици ќе се потрошат во југоисточниот регион каде само две од вкупно десет општини трошат пари за оваа намена, и тоа Струмица и Радовиш и тоа само за набавка на индустриска сол во износ од околу 4,6 илјади евра.
Фирми кои добиле најмногу договори за зимско одржување
Од листата на 55 тендери за јавни набавки за зимско одржување, за 39 веќе се знаат имињата на фирмите со кои се склучени договорите во вкупна вредност од 5 милиони евра. За останатите тендери сѐ уште не се јавно достапни информациите со кои фирми се склучени договорите и за нив во листата се дадени проценетите вредности на набавката.
Од анализата на склучените договори произлегува дека во бизнисот за зимско одржување на патиштата и улиците, иако засега го добиле неколку десетици фирми, главниот дел од парите се кај првите 10. Станува збор за фирми кои што склучиле договори во вкупна вредност од околу 4,4 милиони евра.
Ранг листа на фирми со најголеми договори за зимско одржување
Реден број | Економски оператор | Број на договори | Вредност во евра |
1 | ДИМАКС РУДНИЦИ ДООЕЛ Сопотница, Демир Хисар | 2 | 1.406.809 |
2 | НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО Тетово | 3 | 1.198.454 |
3 | АПОЛО ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ с. Шишево, Скопје | 1 | 406.504 |
4 | ЈОСКАТРАНС-ТРЕЈД ДООЕЛ Демир Хисар | 3 | 336.283 |
5 | ПЕЛА ТРАНС ДООЕЛ с. Мажучиште, Прилеп | 1 | 292.490 |
6 | АНИЗОР ДООЕЛ с. Шишево, Сарај | 4 | 276.424 |
7 | ЈА-МИ експорт-импорт ДООЕЛ Кавадарци | 1 | 163.025 |
8 | НБ-ЦОМПАНУ ДОО Тетово | 1 | 130.081 |
9 | МАГНУМ ТРАНС Р ДООЕЛ Гостивар | 1 | 95.935 |
10 | РЕКА ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДООЕЛ Скопје | 1 | 71.545 |
Гледано според вредноста на договорот, листата ја предводи „ДИМАКС РУДНИЦИ ДООЕЛ“ Сопотница, Демир Хисар, а според бројот на склучени договори на врвот е „АНИЗОР ДООЕЛ“ с. Шишево Сарај. Фирмата „ДИМАКС РУДНИЦИ ДООЕЛ“ од Демир Хисар има склучено договор за продажба на индустриска сол за зимско одржување на патишта со „Македонија пат“ и тоа во вредност од 1,4 милиони евра и со Општина Сопиште во вредност од 6,5 илјади евра. Според бројот на договори, пак, прва е „АНИЗОР ДООЕЛ“ с. Шишево Сарај која е носител на договори за чистење на улиците од снег во скопските општини Центар, Кисела вода, Ѓорче Петров и Карпош. Најголем е договорот со Општина Центар и тоа во вредност од 81 илјада евра, а со останатите три општини е во вредност од по 65 илјади евра.
Детален приказ на сите договори е даден во ексел табелата каде податоците се отворени за натамошна употреба.
Методолошки пристап Основа за пресметка на трошоците на институциите за зимско одржување на патишта и улици се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2017 година за зимско одржување на улици и патишта.
Ова истражување е изработено во рамките на проектот „Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки“ што се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на ова истражување е единствена одговорност на Центарот за граѓански комуникации и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.