Трансфери на општините до НВО во 2016 година

  • 27/04/2017

 

 

 

Инфографик

Анализа на трансферите на општините до НВО

База на податоци-Трансфери на општините од буџетска линија 463

База на податоци-Индикатори за транспаретноста и отчетноста на општините во доделување средства од буџетска линија 463

 

 

  • Општините и Градот Скопје во 2016 година исплатиле вкупно  273 милиони денари, односно 4,4 милиони евра од буџетската линија 463 - трансфери до невладини организации, што претставува 80% од планираните средства за оваа намена.
  • Од 81 единица на локалната самоуправа, 61 имала исплати од буџетската линија 463, додека 20 не исплатиле средства за оваа намена. На врвот на листата според вредноста на исплатите се скопските општини Карпош и Центар со по околу 26 милиони денари, а на дното е Општина Вевчани со само 3 илјади денари.
  • Општините и Градот Скопје во 2016 година имале вкупно 1.734 трансфери од буџетската линија 463 кон повеќе од 1.600 субјекти. Најголемиот трансфер изнесува 22 милиони денари, а најмалиот 2 илјади денари.
  • Најголеми трансфери за невладини организации се направени во скопскиот регион, а најмали во општините кои го сочинуваат полошкиот регион.
  • Спортот како област е убедливо на врвот според добиената поддршка од општините.  Во оваа област општините и Градот Скопје доделиле финансиски средства во износ од 185 милиони денари (3 милиони евра), со што спортот учествува со 67% во вкупните трансфери за невладини организации.
  • Од буџетската линија 463 се финансираат дури и спортски клубови регистрирани како акционерски друштва.
  • Запоставени се одредени приоритетни области. За проекти од областа на животната средина се доделени само 45 илјади евра,  за демократија и развој – 33 илјади евра, за проекти од областа на образованието 25 илјади евра, а за здравството само 3 илјади евра.
  • Евидентирани се и исплати кон правни лица кои работат врз профитна основа, кон физички лица, како и исплати со кои општината се финансира самата себеси, што е спротивно на намената на оваа буџетска линија.
  • Постои исклучително ниско ниво на транспарентност во доделувањето на финансиските средства од буџетската линија 463. Дури 64% од општините доделуваат средства без претходно да објават јавен повик. На овој начин останува нејасно како е направен изборот на организации и проекти кои добиле финансиска поддршка од буџетските средства.
  • Отсуствуваат пропишани процедури и критериуми за евалуација на проектите за доделување средства од оваа буџетска линија кај 61% од општините. Ваквата состојба нужно води кон арбитрарна распределба на буџетски средства. Оттука, секогаш може да се доведе во прашање оправданоста на доделените средства.
  • Листата на организации кои добиле поддршка од општините, износот на добиените средства и нивната намена не се јавно објавени кај 74% од општините кои имале трансфери од буџетската линија 463. Ваквата нетранспарентност е неприфатлива ако се има предвид дека станува збор за трошење јавни пари.
  • Доминантен дел од општините не бараат од примателите на средствата извештаи за реализација на финансираните проекти. Следствено на тоа, отсуствува и јавно објавување на извештаите за реализација на проектите финансирани од буџетската линија 463. На овој начин се оневозможува увид во начинот и целта на трошење на буџетските средства и се отвора простор за сомневања во оправданоста на буџетските расходи.

Ова се клучните наоди од истражувањето во кое се мапирани карактеристиките на процесот на финансирање на невладините организации од буџетската линија 463, претставено е нивото на транспарентност и отчетност на општините, детектирани се проблемите и слабостите во процесот и дадени се препораки за подобрување на веќе востановените практики.

Со ова истражување, за прв пат во Македонија, на едно место се претставени сумарни и поединечни податоци за средствата доделени од општините на невладините организации, листата на добитниците на проектите, како и транспарентноста на целиот процес од објавувањето оглас до реализацијата на проектите.

Врз основа на добиените информации изработена е анализа на траснферите на општините до НВО и база на отворени податоци со приказ за доделените финансиски средства од страна на сите општини во Република Македонија за 2016 година (имиња на НВО, називот на проектот и доделениот износ на финансиска поддршка), како и приказ на исполнувањето на индикаторите за оценка на транспарентноста, ефикасноста и отчетноста на целиот процес. Базата на отворени податоци со приказ за доделените финансиски средства од страна на сите општини во Република Македонија за 2016 година содржи вкупно 1.734 трансфери.