Индекс на рационалност за јунешко месо без коски

  • 11/2012

Во набавката на јунешко месо евидентирани се значајни разлики помеѓу цените по кои институциите го купуваат овој производ. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:1,45, што значи дека највисоката цена е за 45% повисока од најниската. 

Во изработка на Индексот на рационалност за јунешко месо без коски првично беа вклучени 9 договорни органи кои за овој вид на набавка објавиле оглас во првите седум месеци од 2012 година. Сепак на крајот индексот е изработен од шест договорни органи затоа што „ЈП за управување и заштита на повеќенаменско подрачје Јасен“ и „КПУ Идризово“ информираа дека воопшто не користеле јунешко месо без коски иако го имаат во техничката спецификација. Казнено-поправниот дом Штип имаше нејасен податок за цената на 1 кг месо за чие објаснување институцијата побара да доставиме нова барање за слободен пристап до информации од јавен карактер што не се вклопуваше во временската рамка предвидена за изработка на овој извештај. Како што може да се види од табелата на која е претставен Индексот на рационалност за јунешко месо без коски, цените се движат од 341 до 496 денари за килограм.

Вака констатираните разлики не можат да се објаснат со применетите постапки бидејќи сите договорни органи спровеле транспарентни постапки за јавни набавки – барања за прибирање на понуди со објавување на оглас или отворени постапки. Разликите во цените не можат да се објаснат ниту со критериумите за избор на најповолна понуда бидејќи токму институцијата која постигнала најниска цена за набавка на месото, ЈЗУ Клиника за максилофацијална хирургија-Скопје користела ‘економски најповолна понуда‘ каде цената се бодувала со 60, а квалитетот носел 40 бода. Од друга страна, институцијата која за купеното јунешко месо плаќа највисока цена, ЈУ за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци Ранка Милановиќ, како критериум за избор на најповолна понуда користела ‘најниска цена‘. Разликите во цените не можат да се објаснат ниту со купените количини на месо претставени на следната табела. 

Количини на купено јунешко месо

Договорен орган Купени количини во килограми
ЈЗУ Клиника за максилофацијална хирургија- Скопје  50
Државен студенти дом „Никола Караев“ Охрид 600
Воспитно поправен дом Тетово  10,5 
Завод за рехабилитација на деца и млади- Скопје  /
Јавна установа за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми-Скопје  272
ЈУ за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци Ранка Милановиќ 88 

За отстапувањето од економската логика која налага поголеми количини да се набават по пониска цена најдобро говори споредба на купените количини од институциите со најниска и со највисока цена. Така, ЈЗУ Клиника за максилофацијална хирургија - Скопје чија цена е најниска, купила 50 килограми месо што е помалку од количините набавени од ЈУ за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци Ранка Милановиќ, односно 88 килограми.