Индекс на рационалност за писмен превод

  • 12/2011

Соодносот на најниската и највисоката цена за услугата ,писмен превод од македонски на англиски јазик‘ е 1:2,67 што значи дека највисоката цена која се плаќа за оваа услуга, евидентирана кај Собранието на РМ, е за 167% повисока од најниската цена регистрирана во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ). Значајно е да се напомне дека критериумот за избор на најповолна понуда и кај двата договорни органи била ,најниската цена‘. Но, за разлика од Собранието, во спроведувањето на постапката за јавна набавка ФПИОМ користел и е-аукција како законски предвиден инструмент за дополнително намалување на цените што ги доставуваат фирмите понудувачи. Индикативно е тоа што во групата на натпросечно високи цени кои се плаќаат за оваа услуга спаѓаат институции чии договори по вредност се најголеми, со што се нарушува основната економска логика дека поголемата вредност на договорот треба да влијае врз намалување на поединечната цена. 

За изработка на индексот на рационалност за писмен превод, барања за доставување информација беа испратени до сите договорни органи што ја користат оваа услуга во 2011 година преку постапка за јавна набавка, а се пронајдени во податоците од Електронскиот систем за јавни набавки. Од испратените 10 барања, одговор не достави само Министерството за одбрана, ЈП Македонска радиотелевизија информираше дека користи услуги за превод по минути, а не писмен превод по страница, а Бирото за развој на образованието одговори дека не користат услуга ,превод од македонски на англиски јазик‘. Оттука, индексот е составен од 7 институции. Индексот е изработен врз основа на цена за една страница превод (1800 карактери без проред) од македонски на англиски јазик. 

Како што може да се забележи од индексот, во набавката на оваа услуга помеѓу институциите постојат големи разлики.

Просечната цена од 456 денари за превод на една страница или 1800 карактери без проред, која е постигната во овој Индекс, спаѓа во групата на повисоки цени кои се наплатуваат за оваа услуга на пазарот. Притоа, три договорни органи за услугата плаќаат цена која е пониска од просечната, а четири склучиле договори со поединечни цени повисоки од просечно постигнатата од страна на мониторираните институции. 

Големите разлики во цената не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки, особено ако се тргне од логиката дека постапките со објавување оглас како потранспарентни значат и поголема конкуренција, а со тоа водат и кон пониски цени. Имено, два договорни органи (Институт за социолошки и политичко-правни истражувања и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор) што постигнале пониска цена од просечната спровеле постапки со барање за прибирање понуди без објавување оглас, додека пак сите останати ги примениле постапките со објавување оглас. Притоа, поедноставена постапка на прибирање понуди со објавување оглас е применета од страна на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (ФПИОМ), ЈП „Водовод и канализација Скопје“ и Институт за стандардизација на РМ, додека, пак, оглас за доделување договор за јавна набавка на услуги за превод е применет од Министерството за култура и од Собранието на РМ. Имајќи го ова предвид, 8 несомнено може да констатираме дека применетите постапки за јавни набавки не го навестувале овој ценовен епилог. 

Во однос на критериумите за избор на најповолна понуда, дури шест од седумте рангирани договорни органи користеле ,најниска цена‘. Со критериумот ,економски најповолна понуда‘ изборот бил направен од страна на Институтот за стандардизација, каде што се користеле елементите: препораки за поранешни преводи на проекти од областа на стандардизацијата – 40 бода, препораки за поранешни преводи – 30 бода, цена – 20 бода и број на преведени страници за оригинален документ за еден ден – 10 бода. 

Произлегува дека најниската цена била критериум и за ФПИОМ, и за Собранието, а разликите во добиените цени се дури 1:2,67. Но, сепак постои разлика, а таа е во користењето на е-аукцијата. Имено, во набавката на преведувачки услуги ФПИОМ користел е-аукција, а Собранието не го предвидело тоа. Е-аукција е начин за дополнително намалување на цените со кои понудувачите настапуваат при отворањето на понудите. Втората институција од седумте рангирани во овој индекс, која исто така користела е- аукција, е Институтот за стандардизација, но таму очигледно намалувањето на цената не можело да одигра значајна улога со оглед на фактот дека во критериумот за избор на најповолна понуда цената учествува со само 20 бода, додека останатите 80 се однесуваат на претходното искуство на преведувачкото биро. 

Доколку ги споредиме цените што договорните органи ги плаќаат за услугата ,превод од македонски на англиски јазик‘ и вредноста на склучените договори за преведувачки услуги ќе констатираме дека во нив не може да се пронајде економска логика. Имено, договорните органи што постигнале цена пониска од просечната имаат склучувано договори во вредност од 285.000 до 295.000 денари, додека пак Собранието на РМ, како еден од најголемите поединечни добавувачи на оваа услуга со годишна проценета вредност од 2 милиони денари, ќе ја плаќа највисоката цена според ова рангирање. Во групата на институции со натпросечно високи цени се наоѓа и Министерството за култура, каде што договорот за преведувачки услуги (писмен и консекутивен) има и најголема вредност, бидејќи е тригодишен – од 2009 до 2011 година. 

 

                                                  Вредност на склучени договори за превод

Договорен орган Вредност на склучен договор во денари
 Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија  295.000
 Институт за социолошки и политичко-правни истражувања 285.000 
 Јавно претпријатие за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор на Република Македонија 295.000 
 Министерство за култура (договор за период 2009-2011 год) 7.950.000 
 ЈП Водовод и канализација – Скопје 1.180.000 
 Институт за стандардизација на РМ  /
 Собрание на РМ  2.000.000