Индекс на рационалност за авионска дезинсекција на комарци

  • 07/2015

 

Цените по кои институциите ја плаќале услугата за авионска дезинсекција на комарци се движат од 176 до 606 денари за 1 хектар. Соодносот на најниската и највисоката цена е 1:3,44, што значи дека Министерството за транспорт и врски, преку кое е спроведено прскањето против комарци во шест општини (Охрид, Дојран, Ресен, Чешиново-Облешево, Крушево и Берово), плаќало цена која е за 244% повисока од онаа на Град Скопје. Вака големите разлики само делумно можат да се објаснат со површината за која е користена услугата. Град Скопје петте илјади хектари ги прскал петпати, што значи дека услугата ја користел за површина од вкупно 75.000 хектари, додека Министерството за транспорт и врски предвидело едно до две прскања во општините и предмет на дезинсекција биле вкупно 11.300 хектари. Во сиве овие постапки констатирано е отсуство на конкуренција и била доставувана само по една понуда. Притоа, од вкупно седумте договори во анализираните набавки за оваа услуга, дури пет се склучени со иста фирма.

Во анализата за изработката на овој индекс беа вклучени сите 15 постапки за јавни набавки на услугата за дезинсекција на комарци спроведени во периодот април 2014 - април 2015 година. Стануваше збор за тендери за набавка на услугата за терестична (земјена) и авионска дезинсекција, како и за лаврицидно и адултицидно третирање на комарците. Сепак, методолошкиот минимум за изработката на индексот – споредба на цени на најмалку пет договорни органи – не беше обезбеден во услугата за земјена дезинсекција на комарци. Од седумте договорни органи што набавиле ваква услуга, дел спровеле лаврицидна, а дел адултицидна земјена дезинсекција на комарците. Оттука овој индекс е изработен само за авионска дезинсекција, и тоа за возрасни форми на комарци (адултицидна), која беше најзастапена услуга од овој вид. Општина Куманово, и покрај законската обврска, не ја достави побараната информација и затоа индексот е изработен врз основа на цените што за оваа услуга ги плаќаат седум договорни органи. Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност за авионска дезинсекција на комарци, три договорни органи плаќале цена која е пониска од просечно постигнатата, и тоа од 0,48% до 135,8% додека четири институции за услугата плаќале повисоки цени од просечната и тоа од 7,37% до 31,52%.

Гледано од аспект на применетите постапки, Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски примениле отворени постапки, а општините објавиле огласи за барање за прибирање понуди. Транспарентноста на двата вида постапки е иста. Сите институции како критериум за избор ја користеле „најниската цена“. Во сите тендери е евидентиран по еден понудувач. Со оглед на тоа што во сите овие постапки била планирана, а не можела да се спроведе е-аукција, од единствениот понудувач се барало да ја намали својата конечна цена. Сепак, намалување се случило само во постапката на Град Скопје, каде што цената всушност е сведена на границите на проценетата вредност. Во останатите тендери единствените понудувачи останале на истите, првобитно понудени цени. Во услови на отсуството на конкуренција, планираната е-аукција може мошне неповолно да се одрази врз цените бидејќи непишано правило е фирмите да нудат повисоки цени на отворањето на понудите, во очекување на негативното наддавање на цените, односно на нивно намалување за време на аукцијата. Гледано од аспект на „количината“ на користената услуга, во табеларниот приказ се дадени големините на површините за кои е користена услугата. Пресметката на вкупните количини е направена така што површината која требало да се дезинфицира е помножена со бројот на прскања предвидени со договорот. Најголем број на прскања, вкупно пет, предвидел Град Скопје. Во Општина Виница се предвидени две прскања, од едно до три прскања биле планирани во општините за кои услугата ја набавувало Министерството за транспорт и врски, додека за општините Чашка, Кратово, Гевгелија и Крива Паланка, договорот предвидува само по едно прскање.

Површини предмет на авионска дезинсекција на комарци

Договорен орган Хектари Отстапување од просечната цена
Град Скопје 75.000 -135,80%
Општина Чашка 360 -23,88%
Општина Виница 2000 -0,48%
Општина Кратово 300 +7,37%
Општина Гевгелија 1000 +9,19%
Општина Крива Паланка 330 +12,08%
Министерство за транспорт и врски 11.300 +31,52%

Како што може да се види од табеларниот приказ, произлегува дека најниската цена е постигната од страна на Град Скопје, кој реално го има склучено и најголемиот договор. Сепак, оваа економска законитост не важи во случајот на Министерството за транспорт и врски кое плаќа многу повисока цена во однос на општините со значително помали површини, како што е Општина Чашка, на пример. Овде е нејасно и врз која законска основа Министерството за транспорт и врски ја набавувало оваа услуга за шест општини (Охрид, Дојран, Ресен, Чешиново - Облешево, Крушево и Берово) и како е направен изборот токму на овие шест општини.