Индекс на рационалност за систем за електронска евиденција на работното време

  • 07/2015

Цените се дадени без ДДВ бидејќи системот за електронска евиденција на работното време се состои од неколку делови (софтвер, хардвер, инсталација итн.) со различни стапки на оданочување (5% и 8%) и оттука не беше можно унифицирање на добиените податоци. Поголем дел од договорните органи доставија податоци за системот без ДДВ, а воедно не беше ни специфицирана структурата на деловите на системот за да може да се направи прецизна пресметка на данокот на додадена вредност.

 

Овој индекс на рационалност се однесува на системот за електронска евиденција на работното време што, во согласност со Законот за работни односи, треба да го имаат сите работодавачи со над 25 вработени. Од индексот на рационалност произлегува дека системот за електронска евиденција на работното време е купуван по цени кои се движеле од 43.200 до 160.000 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1:3,7 што значи дека цената по која ЈЗУ Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза „Јасеново“ – Велес го купила системот е за 270% повисока од цената која ја платило АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост. Разликите во цените можат да се доведат во директна врска со конкуренцијата. Имено, најголем број на понудувачи, по четири, имало во постапките каде што се постигнати најниските цени. Наспроти тоа, во постапката која завршила со највисока цена имало еден понудувач и немало услови за одржување на електронска аукција за намалување на првичната цена. 

Во изработката на индексот на рационалност за систем за евиденција на работното време беа вклучени 14 договорни органи чија набавка на овој производ е евидентирана преку објавените огласи на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) во текот на периодот јануари 2014 до април 2015 година. Сепак, поради констатираните разлики, индексот е изработен преку споредба на цените добиени низ 7 тендери. ЈП Пазари – Битола, ЈЗУ Здравствен дом- Кавадарци, Основен суд Дебар, СОУ „Наум Наумовски Борче“ – Пробиштип и ЈП Комуналец – Кичево набавиле систем за евиденција на работното време за помал број на вработени. Во индексот се вклучени само цените што за системот го плаќаат институции со над 100 вработени, како и оние кои иако имаат помал број вработени, купиле системи за евиденција во согласност со анализираната тендерска документација со поголем капацитет од потребното. Во индексот не се вклучени ниту Министерството за животна средина и просторно планирање и ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ - Охрид. Овие две институции преку тендерите купувале повеќе системи за евиденција на работно време, но еден софтвер, и оттука се оцени дека простото аритметичко делење на вкупната вредност на набавката нема да ја даде реалната поединечна цена на системите за евиденција на работното време. Како што може да се види од индексот на рационалност, четири институции го купувале системот за електронска евиденција на работното време по пониска цена од просечно постигнатата, и тоа од 8,02% до 84,03%, додека, пак, три институции плаќале натпросечно висока цена, и тоа од 3,14% до 50,31%. Вака големите разлики во цените на системите за евиденција на работното време кои, во согласност со тоа што се законски задолжителни, треба да имаат исти, односно стандардизирани перформанси, не се последица на применетите постапки. Сите институции примениле иста постапка, а тоа е барање за прибирање на понуди, со критериум за избор „најниска цена“. Сепак, разлики постојат во реализацијата на применетите постапки. Генерално, и тендерите за набавка на системи за евиденција на работното време поминале со релативно мала конкуренција. Задоволителен број понудувачи имало само во постапките спроведени од страна на АД за стопанисување со деловен простор во државна 12 сопственост и на Основен суд Куманово, каде што имало по 4 понуди. Двајца понудувачи имало во постапката спроведена од Центарот за стручно образование и обука, додека, пак, во останатите постапки имало по еден понудувач.

Број на купени системи за електронска евиденција на работното време

Договорен орган Број на купени системи Отстапување од просечната цена
АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост 2 -84,03%
Основен суд Куманово 1 -80,69%
ЈП „Градски паркинг“ - Скопје 5 -60,29%
Државен ученички дом „Мирка Гинова“ - Битола 1 -8,02%
Центар за стручно образование и обука 1 +3,14%
СУГС „Марија Кири - Склодовска“ - Скопје 1 +23,59%
ЈЗУ Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза „Јасеново“ - Велес 1 +50,31%

Гледано од аспект на количините, сите, освен две институции, купиле по еден систем. Само ЈП „Градски паркинг“ – Скопје купил пет системи, а АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост – два системи за електронска евиденција на работното време.