Индекс на рационалност за ангажирање агенција за привремени вработувања

  • 05/2017

Провизијата што институциите им ја плаќаат на авторските агенции за привремените вработувања се движи од 0,77% до 12,98% од бруто-платата на ангажираните работници. Оттука може да се констатира дека разликите се огромни, особено кога ќе се спореди најниската и највисоката провизија. Произлегува дека ЈКП Сопиште за привремените вработувања на агенцијата ѝ плаќа провизија што е пониска за 12,21 процентен поен од агенциската провизија што ја плаќа ЈП Комуналец Кавадарци. Гледано низ призма на просечната бруто-плата во земјата во 2016 година (32.268 денари), ова значи дека со најмалата провизија, на агенцијата ѝ се плаќаат по 248 денари за вработен, додека пак со највисоката провизија, плаќањето е 4.188 денари.

Доколку наодите од овој индекс се споредат со наодите од индексот којшто за оваа услуга е изработен во 2012 година, произлегува дека висината на провизијата што ја плаќаат институциите во 2016 година е зголемена, но дека разликите во провизиите и тогаш, како и сега, се големи. Според индексот на рационалност изработен за оваа услуга во 2012 година, просечната висина на агенциската провизија за привремените вработувања изнесувала 3,66%, што значи дека била пониска за 4,36 процентни поени од просечната провизија којашто сега ја плаќаат институциите.

Растот на провизиите секако може да биде резултат и на некои промени на пазарот, но тоа што и во 2012 и во 2016 година разликите се толку големи говори дека не се сите институции свесни за пазарните околности и дека можеби дел од оние коишто се со највисоки провизии прифаќале договори со цени што се повисоки од пазарните. Законот за јавните набавки им дава можност на институциите да го поништат тендерот доколку оценат дека добиените цени (во случајов провизии) се понеповолни од пазарните.

 

Анализата на податоците за начинот на којшто се спроведени постапките за ангажирање агенција за привремени вработувања од страна на институциите што се вклучени во изработката на индексот во 2016 година не нуди разумни и економски оправдани аргументи за констатираните разлики во висината на провизијата.

 

Број на привремено вработени за кои се однесува договорот

                 Договорен орган                                                              Вредност на договорот во денари со вклучен ДДВ Разлика на поединечната цена во однос на просекот
ЈКП Сопиште  3 -6.95%
Јавно сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје  / -3.63%
ЈПКД Комуналец Гостивар  34 -2.72%
ЈП Комуналец Битола  19 -0.72%
ЈП за просторни и урбанистички планови Прилеп  27 -0.72%
ЈП Комунална хигиена Скопје  117 +0.28%
ЈП Куманово-паркинг Куманово  23 +0.88%
КЈП Водовод Кочани  / +1.18%
ЈП Водовод и канализација Скопје  106 +1.28%
ЈКП Водовод н.Илинден  6 +1.28%
ЈКП Пелагонија Кривогаштани  7 +2.28%
ЈКП Комуналец Пехчево  3 +2.28%
ЈП Комуналец Кавадарци 11 +5.26%

Во изработката на овој индекс беа вклучени 14 јавни претпријатија коишто за овој вид набавка објавиле оглас во првото полугодие од 2016 година. Но, со оглед на тоа што побараните податоци не ги достави Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“ - с.Мирковци, индексот е изработен со висината на провизиите од 13 договорни органи.

Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност за ангажирање агенција за привремени вработувања, пет јавни претпријатија ги ангажирале агенциите плаќајќи провизии што се пониски од просечно постигнатата од 0,72 до 6,95 процентни поени, додека осум јавни претпријатија ќе плаќаат провизии што се повисоки од просечно постигнатата, и тоа од 0,28 до 5,26 процентни поени.

Констатираните разлики во цените не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки. Имено, гледано од аспект на применетите постапки за јавни набавки, пет јавни претпријатија (Комунална хигиена – Скопје, ЈСП Скопје, ЈП за просторни и урбанистички планови – Прилеп, Комуналец-Кавадарци и Куманово-паркинг) примениле отворени постапки за доделување договор за јавна набавка. Останатите осум претпријатија, пак, примениле постапки со барање за прибирање понуди во вредност до 20.000 евра. Ова значи дека сите институции спровеле транспарентни постапки за коишто биле објавени огласи. Притоа, во сите постапки била планирана е-аукција, а како критериум за избор на најповолна понуда се користела најниската цена.

За отсуството на влијанието на спроведените постапки врз висината на провизиите најдобро говори примерот со јавното претпријатие Комуналец Кавадарци, каде што биле доставени 4 понуди и висината на провизијата била добиена по спроведена електронска аукција. Врз формирањето на цените немал големо влијание ниту бројот на вработени што ќе се ангажираат преку агенцијата.

Како што може да се види од табеларниот приказ за бројот на вработени за кои се однесуваат договорите со агенциите, претпријатието што ќе ангажира најмал број на вработени, ЈКП Сопиште, добило најниска провизија, додека пак претпријатијата со најголем број на привремени вработувања имаат провизии што се повисоки од просечните, а тоа се ЈП Комунална хигиена Скопје (117 привремени вработувања) и ЈП Водовод и канализација Скопје (106 вработувања).