Индекс на рационалност за клима-уреди

  • 03/2017

Индексот на рационалност е изработен за клима-уреди со сплит систем со капацитет за ладење/греење од 3,5-3,6 КW, работна температура од -7 до 43 степени, еколошки фреон R410, ЛЕД дисплеј и гарантен рок од 2 години. Во цената на клима-уредите се вклучени и трошоците за монтажа.

Соодносот на најниската и највисоката цена во набавката на овој тип на клима-уреди е 1:1,68 што значи дека највисоката цена, што ја плаќа Министерство за економија, е за 68% повисока од цената што за истиот производ ја плаќа локалното јавно претпријатие Чистота и зеленило од Куманово.

Доколку наодите од овој индекс се споредат со наодите од индексот изработен за клима-уредите од 3,5 КW во 2011 и 2012 година, произлегува дека дошло до зголемување на просечната цена по којашто е купуван овој производ од државните институции, како и на разликите во цените во однос на 2012 година.

Имено, во 2011 година просечно постигнатата цена по којашто се купувани овој вид на клима-уреди изнесувала 16.636 денари, а во 2012 година 19.739 денари. Оттука произлегува дека просечната цена по којашто се купувани клима-уредите од страна на државните институции во 2015/2016 година е повисока за 27,14% од онаа во 2011 година и за 7,15% од цената во 2012 година.

Кога станува збор за разликите меѓу најниската и највисоката цена, соодносот во новиот индекс од 1:1,68, е поголем од оној во 2012 година, кога изнесуваше 1:1,55, но помал од соодносот 1:1,90 во 2011 година.

Во изработка на индексот на рационалност за клима-уреди беа вклучени сите договорни органи чијашто набавка на оваа услуга е евидентирана преку објавените огласи на ЕСЈН во текот на периодот август 2015 година – март 2016 година. Евидентирани се 15 договорни органи на коишто им се доставени барања да ги достават поединечните цени по коишто ќе ги купуваат клима-уредите во согласност со спроведените тендери. По обработката на добиената документација заради обезбедување на споредливост на податоците, во индексот на рационалност за клима-уреди се вклучени 9 институции, бидејќи 5 договорни органи купиле клима-уреди што според јачината или други параметри од техничките спецификации, не спаѓаат во групата на клима-уред сплит систем со капацитет за ладење/греење од 3,5-3,6 КW, работна температура од -7 до 43 степени, еколошки фреон R410 и ЛЕД дисплеј. Градот Скопје не ја достави побараната информација со образложение дека во периодот на добивање на барањето за пристап до информации од јавен карактер не била донесена одлуката за избор на најповолна понуда.

Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност за клима-уреди, пет договорни органи плаќале цена што е пониска од просечно постигната од 0,15% до 29,79%, додека, пак, четири договорни органи климите ги купиле по цени што се повисоки од просечно постигнатата од 0,42% до 22,82%.

Вака големите разлики во цените не можат да се објаснат со начинот на којшто се спроведени постапките за јавни набавки. Имено, сите договорни органи спровеле законски предвидени постапки во зависност од вредноста на набавката и за нив објавиле огласи на Електронскиот систем за јавни набавки. Во сите овие тендери, во согласност со законот, како критериум за избор на најповолна понуда се користела ’најниска цена‘. Притоа, во седум од деветте тендери се добиени повеќе понуди и е спроведена електронска аукција. Исклучок се само тендерите спроведени од Агенција за администрација и Економскиот факултет – Скопје при УКИМ, каде што имало единствен прифатлив понудувач и немало услови за спроведување на планираната аукција за намалување на првично понудените цени.

Разликите во цените при набавка на клима-уредите не можат да се објаснат ниту со купените количини.

 

                                                                Количини на купени клими  

                            Договорен орган                                             Количини            Отстапување од просечната цена 
ЈП Чистота и зеленило Куманово  4 -29,79%
Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје Ректорат 4 -21,70%
Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен 5 -13,13%
Детска градинка „Ѕвездички“ Чешиново 3 -0,51%
ЈП Македонска радиодифузија  13 -0,15%
Средно училиште „Коле Неделковски“ – Велес  2 +0,42%
Агенција за администрација  5 +10,29%
Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ Економски факултет Скопје  5 +10,38%
Министерство за економија  4 +22,82

 

Како што може да се види од претходниот табеларен приказ, институциите коишто ги имаат купено клима-уредите по цени што најмногу отстапуваат од просечно постигнатата цена, всушност, купиле речиси идентични количини, односно 4 или 5 клима-уреди.