Индекс на рационалност за индустриска сол во рефус

  • 02/2017

Соодносот на најниската и највисоката цена во набавката на индустриска сол во рефус изнесува 1:1,57, што значи дека највисоката цена, што ја плаќа Јавното претпријатие Македонија пат – Скопје, е за 57% повисока од цената што за истиот производ ја плаќа Општина Сопиште. Притоа, токму Македонија пат, којашто ја плаќа највисоката цена за солта, ги купила и најголемите количини, и тоа дури 7.000 тони, што е неколкукратно повеќе од другите институции коишто купувале од 54 до 200 тони. Големите разлики не можат да бидат економски оправдани дури и ако се има предвид дека за ЈП Македонија пат солта требало да биде испорачана до 30 пунктови на шесте подружници на јавното претпријатие, со оглед на тоа што транспортните трошоци не можеле толку да ја подигнат цената. Разликите во цените не можат да се објаснат ниту со применетите постапки за јавна набавка бидејќи сите примениле транспарентна постапка (отворена постапка или барање за прибирање понуди), со критериум за избор на најповолна понуда ’најниска цена‘. Големите разлики во цените дополнително губат каква било економска логика ако се има предвид дека како добавувач на солта во сите општини и јавни претпријатија вклучени во овој индекс се јавува една иста фирма.

Во изработката на овој индекс на рационалност се вклучени 5 договорни органи коишто спровеле тендер за набавка на индустриска сол во периодот ноември-декември 2015 година, односно за зимската сезона 2015/2016 година.

Како што може да се види од индексот на рационалност, просечно постигнатата цена за набавка на 1 тон индустриска сол рефус изнесува 6.011 денари. Три договорни органи ја купувале солта по пониска цена од просечно постигнатата, и тоа од 3,96% до 27,35%, додека, пак, два договорни органи ја купиле солта по повисока цена, и тоа од 7,38% до 18,76%.

Разликите во цените не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки. Сите примениле постапки во согласност со Законот за јавни набавки, па така ЈП Македонија пат, со оглед на повисоката проценета вредност на набавката, спровела отворена постапка, а сите останати – барање за прибирање на понуди. Во сите тендери, без исклучок, не е спроведена електронска аукција за намалување на цените, што значи дека е добиена по само една понуда. Оттука, договорите за јавната набавка се склучувани со единствениот понудувач. Притоа, една иста фирма се јавува како единствен понудувач на тендерите за набавка на индустриска сол на сите пет општини и јавни претпријатија вклучени во овој индекс. Цените по коишто се купува индустриската сол апсолутно не ја потврдуваат економската логика дека повисоките количини требало да доведат до пониска цена.

 

Предвидени количини на набавка на индустриска сол според тендерските документации 

                            Договорен орган                                             Тони             Отстапување од просечната цена 
Општина Сопиште  100 -27,35%
ЈП Стипион 2011 Штип 70 -6,13%
ЈП Охридски Комуналец - Охрид 200 -3,96%
ЈП Комуналец - Крива Паланка  54 +7,38%
ЈП Македонија Пат - Скопје 7000 +18,76

 

Како што може да се види од табеларниот приказ, токму набавувачот на најголемите количини ја платил највисоката цена. Македонија пат купува 70 пати поголеми количини, а плаќа 57% повисока цената од онаа што за истиот производ ја плаќа Општина Сопиште. Цената за набавка на индустриската сол на Македонија пат е повисока дури и од цената на ЈП Комуналец од Крива Паланка, кое купило само 54 тони, односно речиси 130 пати помалку од државното јавно претпријатие.