Индекс на рационалност за јаглен

  • 03/2016

Цените по кои институциите го купувале јагленот се движат од 1.652 до 4.720 денари за 1 тон. Станува збор за јаглен со калорична вредност од 2.000 до 2.500 kcal на килограм и со гранулација од минимум 80 мм. Споредбата на најниската и највисоката цена упатува на сооднос од 1:2,86, што значи дека основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Пробиштип плаќало цена која е за 186% повисока од онаа на ЈЗУ Здравствен дом – Пробиштип. Гледано од аспект на купените количини, може да се констатира дека ОУ „Браќа Миладиновци“ – Пробиштип, кое ја плаќа највисоката цена за јаглен, ја купило најмалата количина, но од друга страна, институцијата КПУ Идризово, која ги има купени најголемите количини, не ја постигнала најниската цена и спаѓа во групата со натпросечно високи цени. Највисоката цена за јагленот ја плаќа ОУ „Браќа Миладиновци“ – Пробиштип, каде што била добиена само една понуда, со што се оневозможило спроведувањето на планираната електронска аукција.

Во изработката на индексот на рационалност за јаглен беа вклучени 10 договорни органи чијашто набавка на оваа услуга е евидентирана преку објавените огласи на Електронскиот систем за јавни набавки во текот на периодот јануари – ноември 2015 година. Од институциите се бараше да достават цена која ја плаќаат за 1 тон јаглен, во согласност со склучените договори за јавни набавки, како и опис на калоричната вредност и гранулацијата. По споредбата на калоричната вредност и гранулацијата, произлезе дека 6 институции купувале јаглен што е споредлив, односно со калорична вредност од 2.000 до 2.500 kcal на килограм, како и гранулација од минимум 80 мм. Останатите 4 институции се исклучени, и тоа:

  • ОУ „Кирил и Методиј“ – Стајковци (7.611 денари за 1 тон јаглен) и Агенција за катастар на недвижности (6.785 денари за 1 тон јаглен), затоа што барале повисока калорична вредност, односно над 3.500 kcal на килограм.
  • Mинистерство за одбрана – Сектор за логистика (4.764 денари за 1 тон јаглен) и КЈП Нискоградба – Битола (4.673 денари за 1 тон јаглен), затоа што барале ниска калорична вредност од само 200 КЈ, односно 1800 kcal на килограм.
  •  Општина Долнени, пак, во својата тендерска документација ги нема наведено овие значајни параметри и од таму тврдат дека, и по склучувањето на договорот, не располагаат со тој податок.

Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност, просечната цена што е плаќана за набавка на 1 тон јаглен изнесува 3.487 денари. Две институции за 1 тон јаглен плаќале цена што е пониска од просечно постигнатата, и тоа од 14,74% до 111,08% додека, пак, три институции за јагленот плаќале натпросечно високи цени, и тоа од 9,60% до 26,12%.

    Со исклучок на набавката на КПД Идризово, каде што е применета отворена постапка, сите останати, со оглед на помалата вредност, примениле постапка со барање за прибирање понуди. Критериум за избор кај сите е ’најниска цена‘. И покрај законски обезбедената транспарентност на постапките, овие тендери се одликуваат со ниска конкуренција. Притоа најголем број понудувачи е евидентиран во постапката спроведена од КПУ Идризово, каде што имало тројца понудувачи, во постапките на ЈЗУ Здравствен дом - Пробиштип и на ОУ „Никола Карев“ – Пробиштип имало по двајца понудувачи, додека, пак, во постапката ОУ „Браќа Миладиновци“ – Пробиштип имало само еден понудувач. Оттука со право може да се констатира дека отсуството на конкуренција се одразило врз цената што за набавката на јаглен ја плаќа ОУ „Браќа Миладиновци“ – Пробиштип.

Гледано од аспект на купените количини, може да се констатира дека ОУ „Браќа Миладиновци“ – Пробиштип, кое ја плаќа највисоката цена за јаглен, ги купило најмалите количини, но од друга страна, институцијата КПУ Идризово, која ги има купени најголемите количини, не ја постигнала најниската цена и спаѓа во групата со натпросечно високи цени.

Количините на купен јаглен

Договорен орган Килограми Отстапување од просечната цена
ЈЗУ Здравствен дом – Пробиштип  80 -111,08%
Општина Велес  151 -14,74%
КПУ Идризово  800 +9,60%
ОУ „Никола Карев“ – Пробиштип  60 +16,36%
ОУ „Браќа Миладиновци“ – Пробиштип  25 +26,12%

Со оглед на купените количини, како и солидната конкуренција за македонски услови од 3 понудувачи, останува нејасно зошто КПУ Идризово има цена што е за 9,60% повисока од просечно постигнатата во овој индекс на рационалност.