Индекс на рационалност за заштитни гумени чизми

  • 03/2016

Цените по кои институциите ги купувале заштитните гумени чизми, високи до колена, се движат од 400 до 728 денари за 1 чифт. Соодносот на најниската и највисоката цена е 1:1,82, што значи дека Водостопанство Скопско поле плаќало цена што е за 82% повисока од онаа на ЈП Нискоградба – Охрид. Станува збор за гумени чизми високи до колена изработени во согласност со стандардот МКС EN ISO 20347:2012 или еквивалентно. Разликите во цените не можат да се објаснат со купените количини, ниту, пак, со начинот на којшто се спроведени постапките за јавна набавка.

Во анализата за изработката на овој индекс беа вклучени комуналните претпријатија и општините кои набавуваа заштитни гумени чизми во периодот јануари-ноември 2015 година. Во листата на набавувачи, покрај комуналните претпријатија, се најде и општината Македонски Брод, која набавувала за потребите на локалното јавно претпријатие Водовод и канализација. Во изработката на индексот првично беа вклучени 26 институции кои набавувале заштитни гумени чизми високи до колена. По обработката на добиената документација, беше констатирано дека во набавката на заштитни гумени чизми некои комунални претпријатија се повикувале на стандардот МКС EN ISO 20347:2012, други на стандардот МКС EN-ISO 20345:2012, а трети не се повикувале на никаков стандард. Оттука, за да се избегне каков било ризик во објективноста на споредбата, во изработката на индексот се вклучени само 10 набавувачи кои барале заштитните гумени чизми во согласност со стандардот МКС EN ISO 20347:2012 или еквивалентно.

Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност, просечната цена што е плаќана за набавка на гумени чизми високи до колена изнесува 524 денари. Притоа, шест договорни органи плаќале цена што е пониска од просечно постигнатата, и тоа од 9,85% до 31,00%, додека четири институции за заштитните обувки плаќале повисоки цени од просечната, и тоа од 1,32% до 28,02%.

Гледано од аспект на применетите постапки, ЈП „Стрежево“ – Битола, ЈКП Водовод и канализација – Прилеп и ЈП Чистота и зеленило – Куманово користеле отворена постапка, ЈП Нискоградба Охрид, ЈКП Комуналец – Прилеп и Водостопанство Кумановско-Липковско Поле – Куманово користеле барање за прибирање на понуди над 20.000 евра, додека, пак, ЈП за водоснабдување Студенчица – Кичево, ЈП Комуна – Крушево, Општина Македонски Брод и Водостопанство Скопско поле – Скопје примениле постапка со барање за прибирање понуди над 5.000 евра. Во тендерите е констатирана конкуренција од 2 до 6 понудувачи и во сите е спроведена електронска аукција за намалување на цените. Разликите во цените не можат целосно да се објаснат ниту со бројот на купени чизми.

                                                    Количина за набавка на гумени чизми

Договорен орган Количини Отстапување од просечната цена
 ЈП Нискоградба Охрид  40  -31.00%
 ЈП Стрежево Битола 107   -19.63%
 ЈКП Водовод и канализација - Прилеп 400  -19.09% 
 ЈКП Комуналец - Прилеп 400  -13.67% 
 ЈП за водоснадбување Студенчица - Кичево 13  -10.32% 
 ЈП Комуна - Крушево 35  -9.85% 
 Општина Македонски Брод 16 +1.32% 
 Водостопанство Кумановско - Липковско поле - Куманово 40  +13.96% 
 ЈП Чистота и зеленило - Куманово 10  +22.94% 
 Водостопанство Скопско Поле - Скопје 29  +28.02% 

Најниската цена е постигната од страна на ЈП Нискоградба Охрид, каде што се купени само 40 чифта заштитни гумени чизми, исто колку и во Водостопанство Кумановско - Липковско Поле – Куманово, а притоа разликата во нивните цени изнесува 52%. Сепак, доминантно оние комунални претпријатија кои купувале поголеми количини се со пониски цени од просечно постигнатата во индексот  и обратно.